„Бериев“ Бе-1 – советскиот екраноплан што личи на вселенски брод (ФОТОГРАФИИ)

airwar.ru
Група млади конструктори го направи ова револуционерно превозно средство, но тоа не беше пуштено во сериско производство.

Откако се појави водниот сообраќај, конструкторите и инженерите се обидуваа да создадат пловила кои се движат со максимална брзина. За да го постигнат тоа, потребно беше да се намали отпорот што го создава трупот на пловилото при движењето низ вода. Логиката конечно ги доведе до најрадикалното решение - целосно да се исклучи триењето на трупот на бродот од површината на водата! Тоа стана изводливо кога беше создаден екранопланот.

Илустрација на екраноплан од класата „Орлан“ од 1980-тите.

Екраноплан е транспортно средство кое се движи по површината на водата или на рамен терен на копно користејќи го таканаречениот „екрански ефект“, кој се состои во зголемување на аеродинамичката сила и намалување на отпорот.

Во СССР, еден од првите проекти посветени на оваа тема беше експерименталната работа на Б. Н. Јурјев (1923), а првите практични проекти на екранопланот ги реализира познатиот пронаоѓач П. И. Гороховски во втората половина на 1930-тите.

Б. Н. Јурјев

Проектот на Бериев

Како што може да се прочита на специјализираната веб-страница Airwar.ru, конструкторите на огледно-конструкторското биро „Бериев“ од Таганрог од почетокот на 1960-тите работеле на авиони кои користат екрански ефект.

Централниот аеро-хидродинамички институт (ЦАГИ) во 1963 година започна со серија експериментални истражувања насочени кон проектирање на хидроглисери катамарани. За шемата на двоен брод беа избрани неколку варијанти на хидроглисери (со подводни крила) според таканаречениот критериум на четири точки на оптоварување.

Во првата верзија, која ја доби ознаката „А“, подводните крила на прамецот се наоѓаат под центарот на масата, а крмата е зад него. За разлика од подводните крила, режимот на екраноплан се разликува по тоа што при големи брзини тежината на апаратот служи како противтежа на силата што ја создава крилото со мало издолжување.

Моделот Бе-1 беше конструиран од иницијативна група на млади конструктори. Речиси целосно е направен од дрво и се напојува со турбомлазен мотор M701C-250 од чехословачко производство.

Чехословачки турбомлазен мотор М-701.

За време на тестирањето во Таганрошкиот залив од јуни до октомври 1965 година, пробниот пилот Ј. М. Купрјанов разви брзина од 160 км/ч.

Беа изведени вкупно 16 морски летови, како на мирно море, така и на бранови високи околу 0,4 метри.

Подводните крила и аеродинамичкото крило создаваа сила која изнесуваше само 60% од вкупната маса на хидроавионот, иако според пресметките, потисокот на моторот беше доволен за премин на Бе-1 во режим на летање со екрански ефект во кој неговите подводни крила не би претставувале пречка.

Врз основа на моделот Бе-1, конструкторското биро „Бериев“ го подготви проектот на хидроавионот Бе-11, кој може да прими 100 патници. Беа проучувани варијанти со два мотори АИ-20 или четири мотори М337, или со ист број турбомлазни мотори НК-7 со двоен проток. Работата на овој проект не отиде подалеку од првичните пресметки.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња