Руски научници смислија ново дизел гориво кое не замрзнува ни на минус 70

Андреј Сорокин/Sputnik
Пронаоѓачите сметаат дека новите формули за добивање гориво ќе бидат од големо практично значење за земјите кои го освојуваат Арктикот.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Руски научници од Политехничкиот универзитет во градот Томск пронајдоа начин да произведуваат арктичко дизел гориво од зимско гориво, а ова пак од вонсезонско гориво.

Резултатот е постигнат со употреба на тешка фракција на дизел и нискотемпературен адитив. Пронаоѓачите сметаат дека новите формули за добивање гориво ќе бидат од големо практично значење за земјите кои го освојуваат Арктикот. Резултатите од истражувањето се објавени во списанието Oil & Gas Science and Technology - Revue d'IFP Energies Nouvelles.

Користењето техника во зимски и арктички услови бара употреба на марки дизел гориво кои не замрзнуваат на ниски температури. Нивното производство станува сé покомплицирано од година во година поради трошењето на нафтата и вклучувањето во преработката на сé потешки суровини и фракции, добиени во погоните за секундарна преработка на нафта.

Според стручњаците од Томскиот политехнички универзитет, за производство на различни видови дизел гориво погодно за зимски временски услови и на подрачјето на Арктикот главно се користат адитиви. Голем број научни трудови од оваа област се посветени на синтезата на нови, поефикасни адитиви.

Меѓутоа, забележани се и случаи кога адитивите кои добро се докажале во лабораториските истражувања не функционираат во пракса, односно немаат никакво влијание врз горивото. Тоа може да произведе негативни последици, како што се неможност за користење транспортни средства и запирање на дизел генераторите.

Научниците од Томскиот универзитет спроведоа истражување и ја докажаа оправданоста за проширување на суровинската база за производство на дизел гориво со вклучување на тешка фракција на дизел и употреба на нискотемпературни адитиви. На крај тие предлагаат нови формули за производство на дизел гориво за употреба во зимски и арктички услови.

„Утврдивме дека учеството на помало количество тешка фракција на дизел ја зголемува ефикасноста на дејството на нискотемпературниот адитив во однос на граничните температури на филтрацијата за десет степени. Вклучувајќи ја непожелната, во вообичаена смисла, тешка фракција на дизелот заедно со адитивот, можно е од вонсезонско гориво да се добие зимско, а од зимското – арктичко“, вели Марија Киргина, доцент на Катедрата за хемиски инженеринг на Томскиот универзитет.

Научниците имаат намера да ја идентификуваат квантитативната условеност на влијанието на составот на различни видови дизел гориво (фракционо, групно, со содржина на посебни јаглеводороди и хетероатомски соединенија) врз ефикасноста на дејството на нискотемпературните адитиви. Тоа ќе помогне оптимално да се искористи потенцијалот на адитивите на горивото од кој било состав.

Споменатото истражување беше спроведено на Томскиот политехнички универзитет со финансиска поддршка на Рускиот фонд за фундаментални истражувања и Томската област.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња