„Крилјата на Русија“: Приказна за најголемиот авион на светот кој никогаш на полетал

КР-860

КР-860

Конструкторско биро „Сухој“
Требало да превезува 860 патници низ целиот свет, но проектот бил запоставен и заборавен поради економската криза од деведесеттите години од минатиот век.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Во текот на деведесеттите години од минатиот век Русија можела да го има најголемиот авион на светот. Се викал КР-860 „Крилјата на Русија“.

Го конструираше конструкторското биро „Сухој“, кое тогаш работеше на создавање економски успешен авион за цивилното воздухопловство. Според оценките на компанијата, протокот на патниците во 21 век секоја година ќе се зголемува за 9-12%. Поради тоа на пазарот ќе му бидат потребни двокатни авиони за превоз на голем број луѓе со еден лет.

„На авионите со две палуби работеа конструкторите ширум светот. Американците ја направија серијата Боинг 747, а Европејците џиновскиот Ербас А380. Сухој кон крајот на деведесеттите години од минатиот век ги следеше тенденциите и не сакаше да го пропушти новиот формат на превоз на патници во двокатни авиони“, вели Алексеј Власов, експерт за безбедност на летови.

Како требаше да изгледа КР-860 „Крилјата на Русија“?

„Во текот на деведесеттите години од минатиот век нашата авионска индустрија беше во тешка ситуација. На компаниите им беше потребен успешен проект што нашата школа за производство на авиони ќе ја подигнеше на ново ниво. Авионите со две палуби тогаш беа главниот светски тренд. Ние решивме да го следиме“, вели експертот.

Инженерите сакаа да сместат 12 седишта во еден ред на долната палуба и девет на горната. Секој авион од овој тип требаше да прими 860 патници или 650 тони товар.

Распонот на крилата на оваа „птичка“ изнесуваше 88 метри, што е импозантно. Поради тоа на авионот му беше потребен дополнителен простор на пистата и во хангарот, па конструкторите решија да направат крила кои се склопуваат, така што распонот ќе се намали на 64 метри.

Авионот беше долг 80 метри, можеше да развие брзина на крстосување од околу 1.000 километри на час и да помине 15.000 километри. На хартија сето ова изгледаше убаво, но компанијата на крајот мораше да се откаже од овој проект. Зошто?

Зошто КР-860 беше запоставен?

Макета на авионот КР-860 на компанијата „Сухој“, Казањ, 1 јуни 1988 година

Причината беше едноставна – настапи економската криза.

„За создавање ваков авион претпријатието мораше да организира огромен синџир за производство. Потребно беше да се има одделно производство на мотори, производство на конструкција, одделни погони и специјална опрема, а Русија во тој период не го поседуваше сето тоа. За еден ваков проект беа потребни милијарди американски долари, а Сухој не можеше да си го дозволи тоа“, истакнува Власов.

Според него, компанијата ни случајно не би прифатила да го прави овој авион доколку однапред не ги добие средствата од државата за оваа работа. А, не ги доби. Поради тоа се откажаа од проектот за најголем патнички авион на светот.

Недостатоците на двокатните авиони

„Сухој“ не ја направи својата верзија на двокатен авион, но странските компании исфрлија на пазарот неколку вакви модели. Меѓу нив беа Ербас А 380 и Боинг 747.

„Ваквите авиони имаа задача да го решат проблемот со наглото зголемување на бројот на патници во деведесеттите години од минатиот век. Меѓутоа, излезе дека ова не е успешна насока за развој на авионската индустрија, зашто не е економски оправдана“, објаснува Власов.

Тој вели дека опслужувањето на моделот Ербас А380 и Боинг 747 е мошне скапо, а за подготвување на нивниот лет е потребно многу време.

„Подготовката на секој ваков авион за лет трае два и пол часа. Треба да се пуштат патниците по завршувањето на летот, да се наполни авионот со гориво, да се проверат течностите, да се натовари нов багаж и да се примат нови патници. Сето ова трае мошне долго. За споредба, кога станува збор за авион кој може да прими 200 патници истата процедура трае 40 минути. Поедноставно кажано, излезе дека е економски поисплатливо да се прават авиони со помали габарити“, истакнува експертот.

Судбината на двокатните авиони

„Сега авионските компании се откажуваат од леталата како што е КР-860 (Ербас А380 и Боинг 747). Првите авиони на Ербас, направени во Европа пред 20 години веќе завршија како старо железо. Боинзите 747 сега се преуредуваат во транспортни авиони за потребите на армијата“, истакнува Власов.

Според него, Русија нема ништо пропуштено и веројатно дури и има добиено што одлучила да се откаже од производството на двокатниот КР-860. Не се потрошени пари, а технолошкиот ноу-хау остана.

„Не ги потрошивме парите и создадовме техничка документација за авионските мотори од новото време, кои подоцна ќе се користат во создавањето воени авиони Сухој и на патничкиот SSJ-100“, заклучува експертот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња