Во 1869 година рускиот научник Дмитриј Менделеев го откри периодниот систем на елементите, кој ја покажа зависноста на својствата на елементите од нивниот атомски број. Тоа му овозможи да направи табела која не само што ги опфати сите тогаш познати елементи, туку можеше и да ги предвиди физичките својства на сè уште непознатите елементи. Сите елементи до бројот 94 (плутониум, Pu) се пронајдени во природата, а оние што следат исчезнале пред милијарди години и денес можат да се синтетизираат само во лаборатории, што го прави модерната наука. Во минатиот век се сметало дека не може да има повеќе од сто елементи, но денес веќе ги има 118. Неколку хемиски елементи биле именувани по руски научници и местата каде што биле откриени.
Првиот хемиски елемент именуван по Русија во табелата е под број 44. Станува збор за метал кој бил откриен во 1844 година од професорот Карл Ернст Клаус од Казанскиот државен универзитет. Клаус го нарекол со латинскиот збор Ruthenium, што бил европски назив за земјите на источните Словени во средниот век.
Рутениумот се добива од рудата на платината. Денес, тој е важен елемент во индустријата и неговата употреба е ограничена единствено од малите количини во кои се наоѓа во природата. На пример, неговото додавање го прави титаниумот отпорен на 'рѓа, додека смесата со платина се користи за електрични споеви. Рутениумот се користи и како катализатор за прочистување на водата во вселенските станици.
Елементот со атомски број 62 го добил името во чест на рударскиот инженер Василиј Самарски-Буховец. Во 1847 година рускиот инженер му дал примероци на одреден минерал од Илменските планини (денешна Челјабинска област) на германскиот хемичар и член на Руската академија на науките Хајнрих Розе за проучување. Розе го нарекол самарскит, а потоа во 1878-1879 година хемичарите Марк Делафонтен и Пол Емил Лекок де Баубодран откриле нов хемиски елемент во него и го нарекле самариум.
Денес се користи за производство на магнети и во медицината.
Елементот со атомски број 101 го доби името по Дмитриј Менделеев. Тој беше синтетизиран во 1955 година од американски научници од Универзитетот Калифорнија во Беркли. Тие предложија да се именува по креаторот на периодниот систем. Истата година, комисијата на Меѓународната унија за чиста и применета хемија (IUPAC) го нарече Менделевиум.
Тоа е многу радиоактивен метал. До денес науката познава 17 негови изотопи со време на полураспад од 1 час до 51 ден. Сè уште не се користи во пракса.
Во Московската област постои научниот град Дубна во кој се наоѓа „Обединетиот институт за нуклеарно истражување“. Од доцните 1950-ти тој е главниот центар во Русија во кој научниците синтетизираат нови хемиски елементи користејќи нуклеарни реакции. Хемискиот елемент со атомски број 105 беше откриен во 1970 година од страна на научниците од институтот во Дубна и американските научници од Лабораторијата „Лоренс Беркли“ во Калифорнија (првите резултати се добиени во Дубна уште порано, во 1968 година). Овие два научни центри водеа независни истражувања.
Елементот доби и различни имиња: во СССР беше наречен нилсбориум (Ns) во чест на данскиот физичар Нилс Бор, а во САД ханиум (Ха) во чест на германскиот физичар Ото Хан. Во 1994 година Меѓународната комисија за чиста и применета хемија го предложи називот жолиотиум (Jl) по францускиот физичар Фредерик Жоли Кири. Затоа, ако ја погледнете табелата на елементи од различни години, можете да видите различни називи на овој елемент. Конечната одлука комисијата ја донесе дури во 1997 година и го именуваше елементот 105 по Дубна.
Што се однесува до самиот елемент, познато е дека е исклучително радиоактивен. Неговиот најстабилен изотоп има време на полураспад од само 28 часа. Дубниумот сè уште нема практична примена.
Елементот 114 беше синтетизиран во 1998 година под раководство на извонредниот експерт за експериментална нуклеарна физика Јуриј Оганесјан, со учество на американски физичари од Националната лабораторија „Лоренс Ливермор“. Во 2012 година, комисијата на IUPAC официјално го потврди името флеровиум во чест на основачот на лабораторијата во Дубна, советскиот физичар Георгиј Флеров. Од 1965 до 1974 година тимот на Флеров успеа да ги синтетизира елементите 102-106.
Флеровиумот е метал кој не постои во природата (барем до денес). Неговите изотопи се распаѓаат за дел од секундата. Меѓутоа, физичарите шпекулираат дека доколку би можело да се добие во која било количина, тој би бил сличен по густина на оловото и би можел да биде еден од најлесно растопливите метали.
Елементот број 115 беше синтетизиран во Дубна во 2003 година, но беше меѓународно признат дури во 2015 година, по серија експерименти во научни центри ширум светот. Во 2016 година, комисијата на IUPAC официјално му го даде името московиум по Московската област каде што се наоѓа Дубна.
Овој супертежок елемент е многу радиоактивен и има време на полураспад од неколку делови од секундата. Неговите својства допрва треба да се проучуваат. Интересно е што московиумот се распаѓа во дубниум.
Последниот и најтежок од познатите елементи, бројот 118, го доби името по Јуриј Оганесјан, кој раководеше со неговото синтетизирање 2002 година во Дубна во соработка со Националната лабораторија „Лоренс Ливермор“.
Елементот 118, како и 115, е многу радиоактивен. Неговото време на полураспад не е подолго од дел од секундата. Неговите својства сè уште се предмет на шпекулации. Оганесон би требало да биде благороден гас, како неонот или ксенонот.
Научниците ширум светот во моментов работат на елементите 119-126. Нивното постоење го предвидува теоретската наука, но сé уште не е потврдено во пракса.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче