ТОП-5 советски локомотиви на дизел гориво (ФОТО)

Alexpickul (CC BY-SA 3.0)
Навистина многу малку луѓе знаат дека СССР беше првата држава на светот што направи и почна да користи дизел-електрични локомотиви. Овие машини станаа технолошка иновација во раните години на Советскиот Сојуз и ѝ помогнаа на тогашната влада во создавањето на една од најнапредните земји во светот.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!

Овие возови на почетокот на ХХ век станаа вистински „работни коњи“ за транспорт на товар ширум земјата. Покрај тоа, тие ги поставија темелите за понатамошен технолошки развој на возовите и нивно претворање во електрични машини какви што ги знаеме денес.

Еве список на 5 најдобри дизел-локомотиви користени во СССР на почетокот на ХХ век.

Шч-ел-1 

Щ-эл-1

Првите магистрални дизел-локомотиви во светот беа советските возови од класата ШЧ-ЕЛ-1 (Щ-ЭЛ-1), создадени 1924 година. Тие имаа 10-цилиндричен дизел-мотор направен од делови спасени од британска подморница која потона во Балтичкото море неколку години претходно.

Новиот мотор можеше да произведе 1000 коњски сили и да се движи со брзина од 75 километри на час. Возовите од класата ШЧ-ЕЛ-1 беа полесни за употреба во споредба со аеродинамичните возови од претходната ера и патуваа побрзо со железница бидејќи инженерите можеа да додадат дополнителна дизел влечна сила на средината на возот.

Во исто време, тие имаа сериозен недостаток во однос на возовите од претходната ера - несигурен автоматски менувач. Најчестиот дефект на возовите ШЧ-ЕЛ-1 беше дефектот на дисковите од 3-та брзина. Сепак, овие возови се користеа 30 години додека не станаа технолошки застарени и исфрлени од употреба.

ВМ (Вјачеслав Молотов)

ВМ-20

СССР продолжи да експериментира со дизел-локомотиви и десет години по усвојувањето на возилото од класата ШЧ-ЕЛ-1 беше изградена првата дводелна дизел-локомотива во земјата - ВМ (Вјачеслав Молотов).

Создадена е како единствен примерок по налог на Заедничката државна политичка управа (разузнавачката служба и тајната полиција на Советскиот Сојуз). Целта на проектот беше двојно да се зголеми капацитетот на дизел-возовите.

Меѓутоа, поради брзањето во производството, таа доби многу слаби - недоволно моќни мотори, па не ги оправда очекувањата и не успеа да ја исполни својата функција, така што проектот остана само на ниво на прототип.

АА (Андреј Андреев)

АА

Покрај стандардните возови, на железничките оператори им беа потребни нови ранжирни локомотиви (возови за сортирање на делови од возниот парк во комплетни возови на железничките станици).

Така, во 1933 година во Калушката машинска фабрика беше изградена експериментална ранжирна дизел-локомотива АА (Андреј Андреев). Тоа беше првото ранжирно дизел-возило во земјата кое се разликуваше од магистралниот воз по отсуството на автоматски менувач.

Ова возило не влезе во сериско производство поради бројните дефекти, но се покажа како одличен прототип за понатамошен развој на локомотивите во земјава.

Локомотиви од Еел класа

Э-ЭЛ-5

Ова беше првата советска дизел-електрична товарна локомотива. Се појави во 1932 година и настана како плод на соработката помеѓу руските и швајцарските електроинженери. Иновациите во Е-ЕЛ-5 вклучуваа принудна вентилација за влечните мотори, слабеење на полето при возење со голема брзина и реостатско сопирање.

Локомотивите од класата Е (Э) станаа успешен проект и беа нашироко користени за испорака на товар ширум Советскиот Сојуз пред Втората светска војна.

РСД-1

Овие возови беа дел од американските странски резерви според Законот за заем и наем во текот на Втората светска војна.

Советскиот Сојуз во 1943 година го покрена прашањето за нарачка на серија дизел-локомотиви за советските железници од САД. За таа цел, Американската компанија за локомотиви (ALCO) ја проектираше локомотивата РСД-1 (шестоскина верзија на локомотивата РС-1).

Во споредба со основната верзија на локомотивата (РС-1), оскината формула на РСД-1 е променета, специјално за испорака во СССР со цел да се намали оптоварувањето на шините. Сè друго остана слично на оригиналната верзија.

На американскиот производител му требаа две години да ја направи потребната количина возови РСД-1 за СССР (планирано беше да се испорача 70 - но за време на транзитот две локомотиви потонаа во Атлантскиот океан) и да ги испорача во земјата.

Во 1945 година овие возови беа користени за испорака на товар и луѓе за реконструкција на земјата разорена од војната.

Сите овие машини беа во употреба до средината на 1980-тите кога беа заменети со понапредни електрични локомотиви.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња