Суперсоничниот ловец-пресретнувач МиГ-31 во моментов е единствената достапна платформа која може да одговори на сложените тактичко-технички барања кои се основен предуслов за воопшто да функционира ракетниот систем „Кинжал“. Интеграцијата на перспективното оружје со зголемени барања за експлоатација условува и обемна модернизација на самата летечка платформа. Обемната модернизација што беше извршена на овој авион, како и карактеристиките на самото оружје, ја условија промената на тактичките начела на примена на овој авион, што мораше дополнително да се направи преку дополнителна преквалификација на пилотите.
За да може за класични ловечко-пресретнувачки дејствија стандардниот борбен авион да примени ракета која на својата траекторија постигнува брзински карактеристики поголеми од 10 Мах, на авионот мораа да се направат капитални подобрувања. Имплементацијата на новиот напаѓачко-навигациски систем условува оваа верзија на авионот да биде „преквалификувана“ од ловец-пресретнувач во ударно воздухопловно летало. Од оваа верзија беше отстранет стандардниот радар. Зголемен е капацитетот на резервоарот за гориво, со што е зголемен оперативниот опсег на овие летала, т.е. зоните на активно борбено патролирање. Направена е и реконфигурација во управувачкиот дел на пилотската кабина и индикаторите на екранот заради интеграција на новите параметри поврзани со ракетата „Кинжал“. Исто така, темелно модернизиран беше и блокот на апаратурата за врска. Димензиите на самата ракета, како што се должината и тежината, условија поместување на гравитационата точка на масата на авионот, што доведе до тоа МиГ-31К да се однесува сосема поинаку при летот во однос на ловечката верзија на овој авион. Овој прилично незгоден проблем беше решен на начин така што се изврши квалитетна преквалификација на летечкиот персонал кој исклучиво ќе управува со верзијата на авионот МиГ-31К, со акцент на максимално ефикасно користење на авионите во сите фази на летот, особено кога на носачот под трупот е монтирана ракета.
Во техничката фаза на летот на ракетата, воздухоловната платформа (во овој случај МиГ-31К) ја има улогата на нејзин „прв степен“, кој е директно одговорен за лансирањето и забрзувањето на ракетата. Накратко, по добивањето на командата за дејствување, пилотот во авионот МиГ-31К ја започнува фазата на енергично искачување доколку нема доволна висина, со моторите во режим на дополнително согорување. Кога леталото ќе достигне високи параметри на брзина и висина, дури тогаш врши лансирање на ракетата. Кога лансирањето ќе се изврши под овие услови, тоа овозможува да се зголеми оперативниот дострел на ракетата за неколку пати, како и нејзината брзина на летот која надминува 10 Маха.
Воздухопловниот ракетен систем „Кинжал“ е способен да ги уништи сите површински бродови на потенцијалниот непријател, како што се носачи на авиони, ракетни крстосувачи, разурнувачи итн. Боевата глава на оваа ракета е преземена од аеробалистичката ракета од класата „земја-земја“ од типот „Искандер“. Самата ракета е способна за време на својот лет да изведува сложени маневри и со голема прецизност да погоди цели на оддалеченост и до 2000 километри.
Што се однесува до самото летало МиГ-31, постои уште една класична ловечко-пресретнувачка модификација со ознаката МиГ-31БМ. Таа неодамна доби нови ракети од класата „воздух-воздух“ кои имаат способност да се борат со беспилотни летала и крстосувачки ракети на условниот непријател.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче