Во Русија направен брод што може да се движи под вода

ЦКБ МТ "Рубин"
Централното конструкторско биро за морска техника „Рубин“ направи за извоз нова модификација на патролниот брод „Страж“, кој може да нурка под вода. Станува збор за комбинација од подморница и површински патролен брод.

Првата варијанта со помал депласман е направена во 2021 година и исто така беше предложена за извоз.

„Ова е најголемата верзија, долга околу 72 метри, со нормален депласман од околу 1300 тони. Оваа модификација е пофункционална благодарение на поголемите димензии. Бродот има нова рамка на прамецот која ги сече брановите и закривеност на бочните страни на трупот, со што се намалува нишањето, се зголемува стабилноста на бродот како вооружена платформа и се намалува неговата видливост на радарот“, изјави претставничка на „Рубин“.

Хидроакустичната антена се наоѓа во главата на прамецот, со што се подобруваат условите на нејзиното функционирање, а главата го намалува отпорот при движење на површината на водата. Посилниот погон му овозможува на бродот да развие брзина од 21 јазол.

Новата варијанта е максимално вооружена. Има автоматски топ со мал калибар, два лансери за наведувани ракети и четири лансери на торпеда со калибар 324 мм. Благодарение на таквиот комплет, „Страж“ претставува опасност дури и за поголемите површински бродови.

И оваа модификација на бродот, како и претходните, има два херметички мултифункционални хангари за распоредување на чамци за спасување и вооружување на надзорните екипи, беспилотни летала и друг полезен товар.

Во потрагата по лица кои го прекршуваат законот можат да се користат радарот и хидроакустичните антени така што целта се открива незабележливо и пловилото се приближува до неа. Покрај тоа, бродот може да се користи во маневри на противподморничките сили и за подготовка на екипажите на класичните подморници. Дометот на пловидба му 7400 километри со брзина од 10 јазли, а по потреба може да биде и поголем.

Како што потенцираат од „Рубин“, во текот на периодот во кој е намален воениот буџет поради потребите на борбата против пандемијата и нејзините последици, сé повеќе расте побарувачката за мултифункционални бродови.

„Нашиот одговор на овој модерен предизвик е спојот од подводни и површински својства што ги создадовме во проектот „Страж“. Благодарение на таквата синтеза, бродот кој е ориентиран на користење во мирнодопски услови истовремено не ја губи својата вредност и како борбена единица во текот на ескалацијата на конфликтот. Згора на тоа, можноста за понирање под вода му овозможува на „Стража“ да решава задачи кои се типични за патролен брод, но на нов начин, поедноставен и поисплатлив“, вели претставничката на „Рубин“.

Проектот „Страж“ се прави да биде „прилагодлив“. Благодарение на неговите модификации и можноста за варирање на карактеристиките, производителот може да му предложи на купувачот брод кој најмногу ќе одговара токму на неговите задачи, условите за користење и расположливите можности, посочуваат од „Рубин“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња