Руските научници од слоевите мраз над субглацијалното езеро Восток на Антарктикот извадија мраз стар речиси 600 илјади години, се вели во соопштението на Арктичкиот и антарктичкиот научноистражувачки институт (ААНИИ).
„Експертите на Арктичкиот и антарктичкиот научноистражувачки институт на антарктичката станица „Восток“ од длабочина од 3453 метри ледена кора успешно извлекоа ледено јадро старо 567 илјади години. Следната година научниците се надеваат дека од подлабоките слоеви на глечерот ќе извлечат примероци стари над милион години“, се вели во соопштението.
Како што се објаснува, научниците за време на експедицијата извлекле 133,63 метри ледено јадро. Меѓутоа, целта на проектот е да се дојде до леден слој на длабочина од 3,61 километри, каде што се наоѓа мраз стар околу 1,2 милиони години.
„Врз основа на леденото јадро може да се реконструира температурниот режим, може да се процени активноста на Сонцето и вулканите, густината и односот на гасовите во атмосферата и да се утврди содржината на стакленичките гасови. Ќе можеме да дојдеме до заклучоци за биолошките, историските, па дури и економските промени во животот на нашата цивилизација. Но, најважно е што ќе можеме да изработиме модели на идни евентуални климатски промени на планетата“, изјави директорот на институтот Александар Макаров.
Исто така, се наведува и дека руските истражувачи планираат да го завршат дупчењето на стариот мраз на станицата Восток на подрачјето на субглацијалното езеро Восток на Антарктикот до март 2023 година.
Во февруари 2012 година, за прв пат во историјата на човештвото, за време на дупчењето на антарктичката ледена покривка беше достигната површината на езерото Восток на длабочина од 3769,3 метри. За време на отворањето на езерото руските истражувачи дојдоа до уникатен материјал: ледени јадра од долните слоеви на антарктичкиот глечер и примероци од замрзнатата вода на езерото. Комплексните истражувања на овие примероци дадоа научни резултати од светско значење кои придонесоа за запознавање на природата на уникатното субглацијално езеро.
Во јануари 2014 година беше изведено повторно отворање на езерото Восток и беше извадено ледено јадро долго 0,71 метар. Кога ќе го проучат субглацијалното езеро Восток, научниците ќе можат да креираат слика за промената на климата на Земјата со цел подобро да ги разберат и предвидуваат современите климатски процеси.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче