Според изјавите на руското Министерство за одбрана системот за ПВО/ПРО со голем дострел С-400 „Триумф“ е префрлен во Белорусија поради учество во заедничката воена вежба во која ќе се провери способноста на единиците за брзо реагирање во рамките на Сојузната држава. Проценките се дека во Белорусија се префрлени најмалку 1-2 дивизиони на овие исклучително моќни борбени системи кои пред сè се од дефанзивен карактер.
Она што е интересно е фактот што „ракетарите“ со своите системи се од составот на Источниот воен округ, што практично значи дека морале да минат речиси 10 илјади километри за да дојдат на новата локација.
На територијата на Белорусија во текот на овој месец ќе биде завршена проверката на подготвеноста на вооружените сили на Русија и на Белорусија, и тоа во две етапи. Првата етапа ќе трае до 9 февруари, а втората од 10 до 20 февруари, кога ќе биде одржана здружената воена вежба под називот „Сојузничка одлучност 2022“. Клучната задача на овие активности ќе биде онеспособување на силите со цел во содејство да ја разбијат потенцијалната агресија врз Република Белорусија која би била иницирана однадвор.
Во целина гледано, ангажираните сили ќе добијат задача да формираат непробојна бариера која ќе биде организирана во рамките на државните граници на Република Белорусија, со цел спречување на префрлање вооружени групации, испорака на вооружување и муниција, како и акции за пребарување на теренот, потери и ликвидации на нелегални формации и извидувачко-диверзантски групи на противникот.
Планирано е вежбите да се одржат на пет воени полигони и на четири аеродроми кои се наоѓаат на територијата на Република Белорусија.
Кога станува збор за руската армија се проценува дека во оваа вежба ќе бидат ангажирани најмалку една ловечка ескадрила опремена со ловци од 4++ генерацијата Су035С, потоа два ракетни дивизиони со системи за ПВО/ПРО С-400 „Триумф“ и еден дивизион вооружен со системите „Панцир-С“.
Рускиот противвоздушен систем С-400 „Триумф“ е наменет за борба против сите современи и перспективни средства на воздушно-космичкото оружје. Неговиот максимален хоризонтален дострел е околу 400 км (ракета 40Н6Е), додека во височина дејствува и до 35 км. Формациски, во рамките на еден дивизион најчесто има 2-3 батерии на овој систем, со вкупно 8-12 транспортно-лансирни единици. Значи, еден дивизион во својот состав има 48 ракети подготвени за моментално дејство. Цел ракетен полк хипотетички може да нападне 96 непријателски воздушни цели во оперативен борбен радиус до 400 км. Системот влезе во вооружување на 28 април 2007 година. Државната програма за опремување на руската армија има во план д0 2020 година да го заврши комплетирањето на 56 дивизиски системи С-400 што ќе овозможи целосно превооружување на 28 ракетни полкови кои формациски се составени од два дивизиони опремени со ова исклучително моќно средство. Во овој момент руската армија во своето вооружување има над 70 ракетни дивизиони опремени со системите С-400 „Триумф“ кои се наоѓаат во вооружувањето на 31 ракетен полк и во два центри за обука.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче