Љубопитен фотограф успеа да ја сними дебелината на вратата на јуришниот хеликоптер Ми-28Н (ФОТО)

Извор: Виталиј Ањков/РИА Новости
Се работи за исклучително жилаво борбено летало кое може да преживее жесток оган од земја, вклучувајќи, покрај мало оружје, и оган од тешки митралези и ПА-топови.

Посебното внимание за оклопната пилотска кабина во која се сместени пилотите привлече дебелината на вратата што се користи за влез/излез од леталото. Таа се состои од комбинација на слоеви од алуминиумски и керамички оклоп, додека отворите на кабината се заштитени со армирано стакло со дебелина од 42/22 мм. Овие стакла се способни да издржат удар на куршум од 12,7 мм, додека самото летало може да преживее погодок на удар на граната од 20 мм што ја користат ПА-топовите. Се проценува дека самата кабина е 100% заштитена од погодоци на панцирно-запаливо зрно со калибар 12,7 мм.

Ми-28Н „Ноќен ловец“ претставува сериски јуришен хеликоптер на руската армија, наменет за борба против широк спектар непријателски копнени цели, како што се тенкови и други оклопни борбени средства, заштитена и незаштитена непријателска жива сила, вклучително и воздушни летала со мали брзински вредности. Екипажот се состои од пилот и оператор на вооружување. Хеликоптерот може да достигне брзина од 300 км/час, а неговата полетна маса достигнува 11000 килограми. Ми-28Н е вооружен со автоматски топ 2А72 со калибар 30 мм, како и голем број ненаведувани и наведувани ракети.

Најновата модификација на овој хеликоптер ја носи ознаката Ми-28НМ. Кај неа се применети обемни подобрувања на пакетот оптоелектронска и радиоелектронска опрема, кои ќе овозможат употреба на нова генерација наведувани ракети со дострел и до 25 км. Покрај тоа, направена е и интеграција на новиот и помоќен мотор ВК-2500П, со што дополнително се подобрени неговите маневарски способности. Зајакната е оклопната заштита на виталните точки на леталото, а поставен е и одбранбен противелектронски систем кој го штити леталото од ПА-ракети испукани од рамо (ЛПРС). Значително е подобрена и безбедноста на леталото со инсталирање на двојни пилотски команди (пилот+оператор), интегрирани се нови пропелери од композитни материјали, како и специјални филтри за работа во тешки услови (песок-пустина).

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња