Единствениот советски хидроавион со вертикално полетување

Музеј на воздухопловството, Монино (CC BY 2.5)
Овој авион требаше да стане најголемата закана за нуклеарните подморници, но тоа не се случи. Зошто?

ВВА-14 беше авион-амфибија направен на почетокот на седумдесеттите години од минатиот век за откривање нуклеарни подморници како во лет, така и на површината на водата.

„Тоа беше проект од Студената војна кој на почетокот беше осмислен како противтежа на американските нуклеарни подморници кои беа вооружени со нови балистички ракети UGM 27 „Polaris“. Овие подморници во воената морнарица на САД се појавија кон средината на шеесеттите години од минатиот век, па на советската армија ѝ беше потребно оружје кое би ја ублажило нивната закана“, вели за Russia Beyond главниот уредник на списанието „Независимое военое оброзрение“ Дмитриј Литовкин.

Советскиот авион-амфибија ВВА-14 со вертикално полетување

Прототипот на ВВА-14 доби низа напредни системи за вооружување од тоа време: противбродски торпеда, систем за дополнување гориво на површината на водата и нов радиолокациски систем „Буревестник“ кој ги открива подводните цели на оддалеченост од 1.500 километри од брегот.

Треба да се истакне дека Русија денес исто така ги користи системите на „препородениот Буревестник“. Тоа е крстосувачка ракета со нуклеарен мотор која може да остане во воздухот со месеци, па дури и со години, додека не дојде време за напад или за промена на нуклеарните компоненти.

ВВА-14 е проектиран како катамаран со 14 мотори (од кои 12 мотори овозможуваа вертикално полетување од вода, додека останатите два се користеа за хоризонтален лет и развиваа брзина од 760 километри на час во воздух). Со помош на овие мотори авионот можеше да полета од вода и да се спушти дури на вода и тоа за време на бура кога брановите се високи 2,5 метри, а исто така можеше да лета 12 метри над површината на морето.

„Неговиот дизајн и уникатните карактеристики се причина што проектот е затворен кога конструкторските бироа Туполев и Иљушин ги претставија своите авиони-амфибии. Нивните машини не можеа вертикално да полетуваат, но беа поповолни за масовно производство“, истакнува експертот.

Тој додаде дека трошоците за производство и за експлоатација на авионот ВВА-14 можеа да се споредат со авионите на стратешката авијација, со тоа што авионот-амфибија не можеше да ги минува тие растојанија, имаше помала носивост и користеше поинакво вооружување.

„Овој однос на цената и квалитетот беше причината поради која беше решено армијата да се придржува до моделот Бе-12, а не до ВВА-14. Овој авион беше помал, но во својот арсенал имаше и тактички нуклеарни бомби“; вели главниот уредник на списанието „Независимое военое обозрение“.

Според експертот, проектот ВВА-14 бил запоставен, а неговите технологии за вертикално полетување од вода не ги користеле ниту советските, ниту странските инженери, сметајќи дека тие не се пригодни за воена употреба. 

Развојот на проектот во странство

„Во текот на летот ваквиот авион околу себе прави облаци од бар и вода кои го кријат од радарот. Американските воени стручњаци во текот на шеесеттите години од минатиот век размислуваа и за користење сличен авион во офанзивни цели, зашто тој можеше да се приближи на брод, да фрли бомба и да одлета, но уште во фазата на проектирањето тие сфатија дека развојот на еден ваков авион за потребите на воената морнарица не е исплатлив“, вели експертот.

На почетокот се чинеше дека тоа може да му овозможи на авионот да се приближи на брод, да фрли бомба и да одлета, а потоа излезе дека ваквиот „бран“ може да се види визуелно и дека секој брод би отворил оган врз него.

Поради тоа, сите проекти на вакви авиони-амфибии со вертикално полетување беа запрени во фазата на тестирање или во фазата на проектирање поради неисплатливост и поради лошиот однос помеѓу цената и квалитетот.

„Штом нашите и странските инженери ќе најдат поевтин начин за правење авион кој вертикално ќе полетува од вода, без користење 12 дополнителни мотори, оваа технологија ќе биде применета во авионите-амфибии. Во овој момент постојат други насушни прашања, на пример развој на хиперсонични ракетни технологии во кои треба да се вложува, како интелектуални, така и финансиски ресурси“, заклучува Литовкин.

Единствените два преостанати прототипи на авионот ВВА-14 можат да се видат во Музејот на авијацијата во Монино (Подмосковје) и во Авијацискиот центар „Бериев“ во Ростовската област.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња