АКТУЕЛНО: Американски „Форбс“ загрижен од развојот на нови типови смртоносни руски дронови

Vitaly V. Kuzmin/vitalykuzmin.net
Вооружениот конфликт во Нагорно Карабах јасно покажа колку беспилотните летала можат да бидат опасни во модерното војување. Во меѓувреме, Русија стекна завидно воено и техничко искуство благодарение на ангажманот на нејзината војска на Блискиот Исток (Сирија). Како резултат на здружените напори на руските воздухопловни експерти и акумулираното борбено искуство, во блиска иднина треба да очекуваме радикален напредок на способноста на руската армија кога се работи за употреба на беспилотни летала.

„Во неодамна објавениот извештај за руските беспилотни леталасе споменуваат непознати типови на дронови. Нивната заедничка намена е борба против непријателска оклопна техника: од мобилни системи за ПВО па сé до тешки тенкови“, вели Самуел Бендет, кој важи за експерт кога е во прашање модерното руско вооружување.

Клучното оружје кое се споменува во извештајот е ракетата Х-БПЛА која претставува модифицирана верзија на ракетата „Корнет“ која се лансира од воздух. Нејзиниот ефективен дострел достигнува 8000 метри и е во состојба да ги уништи американските основни борбени тенкови од типот „Абрамс“ и тоа со погодок во неговата фронтална проекција каде што оклопот е најдебел. Ракетата Х-БПЛА тежи 18 килограми, што е на пример двојно помалку од ракетата Hellfire. Во пракса, тоа значи дека руските беспилотни летала можат да носат и до неколку вакви ракети и да нападнат повеќе цели. Основната платформа ќе биде ударното беспилотно летало „Иноходец“ (извозна верзија на бпл „Орион“), вклучувајќи го и „Форпост“.

„Иноходец“ во своето вооружување ќе ги има и уште поубојните ракети „Виор-М“, развиени за вооружувањето на јуришните хеликоптери. Ова оружје е специфично по тактиката на лансирање на две ракети врз една цел, која е, на пример, заштитена со систем за активна заштита („Трофеј“). На овој начин значително се намалува способноста за одбрана на тенкот затоа што КАЗ не може во екстремно тесен временски интервал да ги пресретне двете ракети, кои летаат со суперсонична брзина. Покрај оваа ракета тука е уште еден проект на модификација на ненаведуваната ракета С8-. Имено, руските конструктори од концернот „Калашников“ успеаја да ја направат оваа ракета да биде високопрецизно управливо оружје. Благодарение на специјално конструираната ласерски наведувана боева глава, оваа релативно евтина муниција која во огромни количина се наоѓа во магацините на руската армија ќе биде претворена во исклучително ефикасно средство за уништување на непријателска оклопна борбена техника. Нејзината мала тежина ќе обезбеди нејзина употреба и од дронови од лесна категорија, како што е, на пример, беспилотниот хеликоптер „Термит“, кој има димензии како помал автомобил. Беспилотното летало од овој тип ќе може да носи и до три ракети С-8Л.

Последната категорија на оружје спомената во овој извештај е убедливо најинтригантна. Станува збор за бомби кои можат да се користат од минијатурни беспилотни летала како на пример квадкоптери. Покрај борба против непријателска жива сила и оклопна техника, овие беспилотни летала може да се употребат и за ефикасно уништување на инфраструктурата како што се магацини со оружје и муниција. Посебна опасност претставува фактот што минијатурните беспилотни летала имаат тактичка способност да влезат под радарите на ПВО и ненадејно да извршат удар врз своите цели.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња