Какви автомобили возат луѓето на северот на Русија, каде што зиме е -50 степени Целзиусови?

На влезот во Јакутск. Температурата на воздухот на територијата на Јакутија се спушти на минус 50 степени Целзиусови.

На влезот во Јакутск. Температурата на воздухот на територијата на Јакутија се спушти на минус 50 степени Целзиусови.

Андреј Сорокин/Sputnik
Не е лесно да се биде возач во Јакутија, на Тајмир и на Чукотка. Но, човекот се прилагодува на сите можни услови, па и техниката ја прилагодува на најниските можни температури.

Веќе разговаравме за тоа како жителите на Јакутск, Норилск и Воркута ги подготвуваат своите автомобили за студената и снежна зима. Остана да видиме какви автомобили може да се видат на патиштата на руските региони каде температурите се екстремно ниски во текот на зимата. Можеби ќе се изненадите, но во тие краишта воопшто не се популарни огромните џипови и пикапи.

Јапонска класика во Сибир и на рускиот Далечен Исток

Колку подалеку одите на исток, толку повеќе ќе видите јапонски и кинески автомобили на патиштата, и тоа повеќето половни.

Јакутск. Температурата на воздухот во градот е -43 степени Целзиусови.

Јакутија е најголемиот и најстудениот регион во Русија. Во оваа република на две места - во Ојмјакон и Верхојанск - се забележани температури околу минус 70 степени Целзиусови, а во Јакутск, главниот град на регионот, минус 50 е вообичаена појава во текот на зимата. Што може да се движи по такво време?

Автомобилскиот сајт „Дром“ состави ранг-листа на најпродавани автомобили во Јакутија. Анализирани се над 4 милиони огласи од 2015 до 2020 година. Се покажа дека во текот на целиот тој период првите пет места ги заземаат различни модели на јапонската марка „Тојота“ со волан на десната страна, додека во другите региони на Русија најдобро се продавала домашната „Лада“.

УАЗ во Јакутск. На 22 декември во 16 населби во Јакутија температура се спушти под -50 степени, а во главниот град Јакутск изнесуваше -48 степени Целзиусови.

Кон крајот на 2020 година првото место го зазеде компактниот хечбек Toyota Vitz, а второто караванот Toyota Corolla Fielder. Потоа следуваат седаните Toyota Allion и Premio и минивенот Toyota Ipsum. Сите овие модели се покажаа добро во зимски услови, а покрај тоа и не трошат многу, што е многу важно, бидејќи многу возачи во Јакутија не го гасат моторот и по неколку месеци, за да не замрзне автомобилот.

„Многумина се убедени дека варијаторот не е погоден за зима. Пу-пу-пу, јас го возам. Но, кога ќе дојде зимата, кабелот замрзнува, па понекогаш е потребно многу труд за да се смени режимот“, пишува Лариса од Јакутск, која во зима вози Toyota Vitz и нема гаража, туку го чува автомобилот под настрешница.

Република Саха (Јакутија). Превоз на туристи во националниот парк на природата „Ленски столбови“. Температурата на воздухот е околу минус 34 степени Целзиусови.

Таа на своето возило ставила дополнително ветробранско стакло, залепила фолија на сите стакла за да не фаќа иње и ставила Webasto (грејач на моторот, грејач на каросеријата и внатрешноста на автомобилот). „Webasto е одличен на температури до -35. Под -40 замрзнува варијаторот, а под -45 тркалата добиваат форма на квадрат“, вели таа. „Но, по пет-шест километри бавно возење, тие веќе ја добиваат својата природна форма“.

„Кој има гаража и не излегува надвор од градот со автомобил, воопшто не мора ни да го штити автомобилот од студот“, пишува друг возач од Јакутск. „Барем за „Тојота“ можам да го кажам тоа. Сега возам Corona Premio, само го покривам со картон. Преку ноќ е во топла гаража, а дење е пред зградата каде што работам“. 

Норилск. Луѓе откопуваат автомобил од снегот додека дува силен ветар.

Ако го погледнеме бројот на огласи за продажба на автомобили во Норилск (северот на Краснојарскиот крај), ќе видиме дека и овде убедливо најзастапена е Toyota, со тоа што овде веќе има многу теренци Land Cruiser. Веднаш по јапонскиот автомобил следи руската Lada (најчесто новиот модел Vesta), потоа KIA (Rio), Hyundai (Solaris, се разбира) и Nissan (најчесто се продава теренецот X-trail). На Чукотка е приближно истата слика.

Норилск. Полициско возило на силен ветар.

Во студените региони има малку дизели, бидејќи дизел-горивото замрзнува на температури под -50 степени.

Што возат луѓето кога патуваат некаде подалеку?

Од руските автомобили на север е популарен современиот теренец УАЗ „Патриот“, како и минибусот „Буханка“, создаден уште во советско време.

Во Норилск паѓаше снег во мај 2018 година.

„УАЗ е главното транспортно средство во Република Саха. Го користат службите за брза помош, полицијата, меѓуградските превозници, превозници на товар, приватници и компании. Насекаде се користи моделот УАЗ 2206 „Буханка“ и неговите модификации “, вели Владимир Попов, локален жител. Речиси сите такви минибуси се прилагодени за тешки мразови, имаат зајакната рамка и дополнително греење. Понекогаш сè е толку преработено што од „Буханка“ останува само дизајнот.

Кога станува збор за меѓуградско возење во отежнати услови, ова возило нема конкуренција во својата ценовна категорија. Таков автомобил чини околу милион рубли, т.е. како економичен седан KIA Rio. Секако, тука не се предвидени опциите за удобност, многу поважно е автомобилот да не изгаси на минус 50 отколку да има паркинг сензори.

Анадир. Виулица.

Постои уште едно „возило на животот“ што се користи на север. Станува збор за помалиот камион ГАЗ „Собољ“ од руско производство. „Собољ“ засега целосно ми одговара, сосем сум задоволен. Помина 40000 километри без поголеми дефекти. За разлика од УАЗ, во „Собољ“, возачот има одличен преглед и лесно управува со возилото“, вели Сергеј Волков, возач на амбулантно возило од Јакутск.

Паркирани автомобили покриени со церади во Јакутск. Температурата во Јакутија се спушти на 50 степени под нулата.

Што се однесува до возачите кои сакаат адреналин и автомобилски тури низ сибирската тајга на рускиот Далечен Исток, тие претпочитаат да ги користат големите теренски возила УАЗ „Патриот“ и УАЗ „Хантер “. Меѓутоа, сепак е најдобро човек да го одложи патувањето до лето и никогаш да не излегува зиме сам со автомобил надвор од градот.

Погледнете го ова видео и ќе ви стане јасно зошто.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња