ГЛОНАСС, рускиот пандан на американскиот Систем за глобално позиционирање (GPS), почна да се развива во 1970-тите како алтернативен систем за сателитска навигација и за позиционирање, но се стекна со популарност дури во 2000-тите.
Советските научници во 1950-тите почнаа да ја проучуваат теоретската можност за користење на сателити за воспоставување независен систем за навигација. Тоа беше отприлика во исто време кога советската вселенска програма успешно го лансираше првиот вештачки сателит „Спутник 1“ на 4 октомври 1957 година.
Сепак, пионерската теоретска работа напредуваше бавно поради недостиг на финансии. Но, Студената војна набрзо го промени сето тоа.
На почетокот на 1960-тите советското раководство дозна дека нивниот главен идеолошки противник - Америка, работи на својот систем за сателитска навигација уште од 1950-тите и дека работата конечно дала резултати. Таканаречениот Транзитен систем, направен за следење на американските ракетни подморници, влезе во служба на американската морнарица во 1964 година. Се разбира, Советскиот Сојуз мораше да го надомести пропуштеното. Истата година советското раководство нареди обновување и интензивирање на истражувањата во сферата на сателитската навигација.
Во 1976 година, овој систем, кој Советите го нарекоа „Циклон“, почна да се користи во војската. Се состоеше од шест вселенски апарати во поларните орбити на висина од 1000 километри.
Потоа беше неопходно драстично да се подобри прецизноста на новиот систем „Циклон“, бидејќи грешката во идентификувањето на локациите на објектите достигнуваше 80-100 метри, што беше премногу според современите воени стандарди.
Оттогаш советските и подоцна руските научници продолжија да ги развиваат основните достигнувања на креаторите на „Циклон“.
Проектот беше интензивиран во 2001 година, кога руската влада ја усвои федералната програма наречена Глобален навигациски систем и воспостави акционен план за развој на руски систем за сателитска навигација, кој стана познат како ГЛОНАСС.
Рускиот систем се состои од 24 вселенски летала кои се движат во три орбити, од кои секоја има по осум уреди. За разлика од тоа, американскиот глобален систем за позиционирање користи ист број сателити, но различно ги распределува во просторот. 24 вселенски брода на ГПС се движат во шест орбитални рамнини со по четири сателити во секоја. Разликата во распоредот на сателитите влијае на корисничкото искуство.
Иако и двата системи се многу прецизни, GPS малку го надминува ГЛОНАСС и по прецизноста, и по територијата што ја покрива. Кога се користат одвоено, доаѓа до мала грешка во позиционирањето на објектите. Во случајот со ГЛОНАСС, грешката е за еден или два метри поголема отколку кај GPS. Покрај тоа, GPS има глобална покриеност додека ГЛОНАСС го губи сигналот во оддалечените делови на светот.
Сепак, ГЛОНАСС е подобар од GPS кога станува збор за позиционирање на објекти на север, особено во областа зад Северниот поларен круг. Бидејќи руските сателити не резонираат со ротацијата на Земјата (за разлика од сателитите на GPS), не им треба дополнителна корекција. Во пракса, тоа значи поголема сигурност на системот на места каде што на Русија тоа ѝ е најпотребно: на Арктикот, каде што дејствува Северната флота.
Со самото тоа, додека GPS е генерално попрецизен и позастапен, корисниците во северните делови на скандинавските земји и Русија често сметаат дека ГЛОНАСС им е посигурен.
Со оглед на тоа што Студената војна заврши, двата системи денес се користат како комплементарни, а не како конкурентни. Повеќето уреди на пазарот (вклучувајќи ги ајфоните и паметните часовници) овозможуваат истовремена употреба на GPS и ГЛОНАСС системите, што драстично ја зголемува точноста на позиционирањето и покриеноста.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче