Се појави фотографија од нова хиперсонична ракета за ловците Су-57 (ФОТО)

MOD Russia/via Globallookpress.com
На интернет-порталите се појави фотографија на која се гледа изгледот на новата хиперсонична ракета за авионите-ловци од петтата генерација Су-57. Повеќето од оние кои ја коментираа оваа фотографија сметаат дека станува збор за ракетата „Острота“ (шифра 21). Поопширно во продолжението на текстот.

Авторот на овој плакат е руската корпорација „Тактичко ракетно вооружување“ и тој зборува за нејзините планови за 2022 година. На него се гледа повеќенаменски авион-ловец од петтата генерација како истовремено лансира дури шест ракети од различен тип. Во комплет со овој авион ќе оди и нов комплекс за дијагностика и подготовка на најсовремените убојни проектили  „Ока-Е-1“ (Ока-Э-1). Судејќи според индексот, презентираната конфигурација на авионот е наменета за извоз.

Самата слика е повеќе од интересна и на неа се гледаат сите песрпективни проекти на корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување“ кога е во прашање високопрецизното воздухопловно вооружување. Лево се гледаат ракети од класата „воздух-воздух“ РВВ-БД со голем и РВВ-СД со среден дострел. Десно се гледа противбродска ракета BrahMos која заеднички ја развиваат Русија и Индија со карактеристичниот вшмукувач на воздух. Меѓутоа, има и некои спротивставени толкувања.

„Хиперсонична ракета „Острота“/шифра 21“, напиша во насловот на фотографијата Михаил Жердев кој ја објави на социјалните мрежи.

Станува збор за ракетата „Острота“, која е нов проект што ќе нема пандан во светски размери. На овој проект работат ракетните конструктори на познатото московско конструкторско биро „Радуга“ и машинското конструкторско биро „Сојуз“. Опитно-конструкторската работа влегува во завршната фаза и во текот на оваа година треба да се очекуваат првите летечко-технички испитувања на новата ракета.

Во суштина се работи за хиперсонична ракета со мали габарити која според димензиите ќе биде помала од оперативната ракета „Кинжал“. Новата ракета, судејќи според сé, ќе спаѓа во класата проектили „воздух-земја“ и со неа се планира да се вооружат стратешките бомбардери Ту-22М3, како и тактичките ловци-бомбардери Су-34/Су-57.

Една од најважните ставки во целокупниот проект за развој на малогабаритна ракета која ќе мора да достигне хиперсонични параметри на брзина е развојот на адекватен мотор. Над него работат научниците на машинското конструкторско биро „Сојуз“ кое се наоѓа во состав на корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување“. Тие успеаја да ја комплетираат новата генерација набојно-млазни ракетни мотори (проектна шифра „Изделие-71“) за достигнување хиперсонична брзина. 

Се проценува дека врз основа на динамиката на развојот на овој проект практичните летечко-технички тестирања на новата малогабаритна хиперсонична ракета со воздушно базирање „Острота“ ќе започнат во 2022 година.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња