Огненото оружје на НАТО што го користат единиците на ФСБ на Русија (ФОТОГРАФИИ)

Vitaly V. Kuzmin/vitalykuzmin.net
Ви го откриваме списокот на модели на вооружување од западно производство што ги користат руските специјални единици во операциите ширум светот.

Единиците на Спецназот ги имаат сите модели на модерно огнено оружје и тактички додатоци достапни на пазарот. Повеќето од овие модели се ставаат на располагање на властите на земјите каде што е произведено оружјето, а некои од нив купуваат офицерите трошејќи ја личната заштеда и/или средства добиени од спонзори.

Побаравме од руски инструктор за специјални операции да ни открие кое оружје произведено во НАТО го добиваат од странство за потребите на контратерористичките операции.

Еве што ни кажа тој.

Глок 17

Најважното прашање поврзано со пиштолите е нивната издржливост. Или, поедноставно кажано, колку пати пиштолот може да истрела пред нешто во него да се расипе. Австрискиот „Глок“ често се користи во нашите единици бидејќи е најсигурен и најдостапен на пазарот.

На пример, стандарден пиштол „Макаров“ или „Јаригин“ чини околу 300 долари и има 4500 гарантирани истрелувања. За споредба, „Глок 17“ чини околу 2000 долари (четири пати поскап отколку во САД и Европа поради даноците и давачките што сопствениците на оружје во Русија мораат да ги платат за увоз на „Глок 17“) и има 300000 загарантирани истрелувања.

Разликата помеѓу овие пиштоли е незамислива.

Во една прилика ги прашав раководителите на воена фабрика зошто прават пиштол кој може да издржи само две недели вежбовно гаѓање? Тие ми рекоа дека истражувањата од Втората светска војна покажале дека просечниот војник живее 2-3 месеци на фронтот и во текот на тој период не може да направи повеќе од 4500 истрелувања.

Им одговорив дека војната заврши пред 70 години и дека на нашите специјални единици ќе им треба оружје што ќе има најмалку 100000 истрелувања пред да се расипе. На тоа тие ме советуваа да пукам помалку!

После тоа, ги прекинавме сите преговори со таа компанија и решивме да потрошиме пари на купување на австриски „Глок“ за нашите единици во странство.

Пиштолите беа проблем во Русија со децении. Концернот „Калашников“ во изминатите години го направи новиот пиштол МПЛ (модуларен пиштол „Лебедев“), кој треба да ги задоволи потребите на единиците на Спецназот. Планираме да ја купиме првата партија заради тестирање. Ако на нашите момци им се допаднат тие пиштоли, ќе ги користиме заедно со „Глок“-овите.

MR308

Во нашите операции најмногу ги користиме автоматите „Калашников“ бидејќи се сигурни, а во последните години станаа и мошне ергономични.

Сепак, некои од нашите момци имаат неколку карабини направени врз база на AR-15 за различни операции. Особено им се допаѓа MR308 произведен во Германија.

Тој е многу прецизен и има подобра механика од сите други автомати. MR308 е идеален за гаѓање цели од далечина до 600 метри. Ова оружје е како хируршки скалпел и е погодно само во посебни околности.

Од друга страна, АК е најдоброто можно оружје за просечниот војник - неуништливо е и не е тешко за ракување.

Снајперски пушки „Манлихер“

Меѓу снајперските пушки „Манлихер“ (Mannlicher) е исто што и АК меѓу автоматите. Ова оружје е сигурно и евтино. Има просечни карактеристики во споредба со другите странски снајперски пушки, но тие карактеристики се подобри од оние на снајперските пушки произведени во Русија во 1990-тите и раните 2000-ти.

Нашите единици имаат снајперски пушки „Манлихер“ со калибар .308 Win. Секоја пушка чинеше околу 5000 евра. Не се толку „фенси“ како снајперските пушки од 500000 евра, меѓутоа со 3 последователни куршуми без проблем погодуваат цел со големина од 20-30 см (просечна големина на човечка глава) на дистанца од 300 метри.

Во текот на изминатите години, руските приватни производители на оружје исфрлија неколку извонредни снајперски пушки ДВЛ-10М3, ТСВЛ-8, ОРСИС Т-5000 и др. Ова оружје го набавија силите на Федералната служба за безбедност (ФСБ) кои ги обезбедуваат руските политичари и високите функционери, вклучувајќи го и рускиот претседател Владимир Путин. 

Дознајте овде како снајперистите го користат своето оружје за да го обезбедат претседателот на Русија.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња