Офанзивниот дрон „Охотник“ со рамни млазници за првпат покажан во Новосибирск

Информативна служба на Обединетата корпорација за производство на авиони (ОАК)
Во фабриката за авиони „Чкалов“ во Новосибирск беше одржана првата демонстрација на беспилотното летало С-70 „Охотник“ со рамни млазници на моторот, благодарение на што овој авијациски систем е значајно помалку воочлив на радарите.

Ова го соопшти информативната служба на Обединетата корпорација за производство на авиони.

Беспилотното летало е конструирано според аеродинамички концепт на „летачко крило“ и има вградена вештачка интелигенција, што му овозможува да маневрира во воздух и да напаѓа во автоматски режим, истакна заменик-министерот за одбрана на РФ Алексеј Криворучко. Дронот решава и широк спектар задачи самостојно, во група и заедно со авиони кои се управувани од пилоти.

„Главната карактеристика на новиот 'Охотник' се рамните млазници на моторот. Благодарение на ова, леталото е помалку воочливо на радарите. Покрај тоа, за овој дрон се прави ново командно место на земјата, проектирано во согласност со барањата на воените стручњаци. Овие решенија во голема мера ќе ги зголемат можностите на леталото“, изјави Сергеј Чемезов, генерален директор на државната корпорација „Ростех“.

Да потсетиме дека првиот лет на тешкото беспилотно летало С-70 со традиционални млазници беше изведен во август 2019 година. Потоа следуваа заеднички летови со ловецот од петтата генерација Су-57.

Долетот на „Охотник“ изнесува околу шест илјади километри, полетната маса изнесува 20 тони, а брзината 900 километри на час. Леталото има радар со фазирана антенска решетка и со оптичко-електронски систем за откривање цел, дури и ако се направени по стелт-технологија.

Во октомври годинава С-70 „Охотник“ успешно го мина борбеното тестирање на полигонот Ашулук, каде исфрлаше бомби тешки 500 килограми.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња