АКТУЕЛНО: Поради интензивното вооружување во регионот Србија набавува противоклопни системи „Корнет“

MOD Russia/Twitter.com/Global Look Press
Станува збор за средства кои ја потврдија својата висока ефикасност во услови на воена експлоатација. Ракетата 9M133 опремена со тандем-кумулативна боева глава може да пробие 1,2-1,3 метри хомогена челична панцирна плоча, што е доволен показател за уништување на практично сите модерни основни борбени тенкови кои се наоѓаат во оперативна употреба.

Првите испораки на руски ракетни системи „Корнет“ за потребите на опремувањето на Армијата на Србија се очекуваат до крајот на оваа година. Ова по состанокот со претседателот на Русија Владимир Путин го изјави неговиот српски колега Александар Вучиќ, пренесува рускиот веб-портал ТАСС.

„Првите испораки се очекуваат до крајот на оваа година. Овие системи спаѓаат во тактички средства на вооружување и немаат стратешки карактер. Можам да ви кажам дека овие системи, поточно лансирните единици за „Корнетите“ како и противоклопните ракети „Корнет“ се многу погодни за нашата територија“, изјави претседателот на Република Србија Александар Вучиќ во интервјуто за српските медиуми во градот Сочи.

Вучиќ се осврна на зголеменото вооружување на соседните земји со кои се граничи Република Србија, кои забрзано добиваат оклопна борбена техника и борбени летала. Тој рече дека Србија прави сé нејзините вооружени сили да не бидат повеќе инфериорни во иднина кога станува збор за опременоста со современа борбена техника и дека во тој поглед ќе се продолжи забрзано да се развива и усовршува.

Во согласност со анализата на општата состојба во регионот кога станува збор за вооружувањето, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вчера се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон, при што беше потпишан договор за испорака на ескадрила (12) повеќенаменски авиони-ловци „Рафал“ за потребите на Хрватското воено воздухопловство. Претпоставките се дека првите летала од овој тип ќе влезат во арсеналот на хрватската војска до крајот на 2023 година.

Што се однесува до воено-техничката соработка меѓу Русија и Србија, таа се наоѓа на високо ниво со тенденција за натамошно унапредување. Треба да се истакне дека Русија донираше тенковски баталјон модернизирани основни борбени тенкови Т-72МС, како и оклопни извидувачки автомобили БРДМ-2МС, кои исто така се модернизирани. Беа испорачани и 4 модерни десантно-јуришни хеликоптери Ми-35М, шест авиони-ловци МиГ-29, десет БРДМ-2, три воено-транспортни хеликоптери Ми-17В-5, како и модерни хибридни ракетно-топовски системи „Панцир-С1Е“.

Преносниот ракетен систем „Корнет“ првенствено се употребува против оклопни борбени средства, како и против непријателски утврдени точки. Благодарение на моќната ракета со калибар 152 мм, безброј пати е докажано дека се работи за исклучително опасно оружје за најсовремените основни борбени тенкови кои во моментов се користат во светот.

Основната одлика на овој систем е наведувањето со помош на ласерски сноп. Благодарение на ваквиот тип на наведување на ракетата, таа добива карактеристики на високопрецизно оружје. Имено, оваа ракета како снајпер може да погоди непријателска цел на далечини и до 5500 метри. Нејзиното отклонување од траекторијата на максимален дострел е безначајно и изнесува само 0,3 метри.

Ракетата 9М133 е долга 1200 мм, а максималниот распон на нејзините крила изнесува 460 мм. Нејзината тежина изнесува 26 кг од кои на боевата глава отпаѓаат 7 кг. Спакувана е во херметички затворен танспортно-лансирен контејнер. Според техничките спецификации, ракетата 9М133 опремена со тандем-кумулативна боева глава може да пробие околу 1200 мм хомоген оклоп заштитен со динамична заштита. Исто така, овој тип на ракета може да пробие армирано-бетонски ѕид со дебелина од 3000 мм, што ја прави исклучително корисна во борба против жива непријателска сила која се наоѓа во силни утврдувања.

Се истрелува од преносен уред за лансирање 9П163М-1, кој е опремен со триножник. Оптоелектронскиот уред 1ПН-79 „Метис-2“ исто така се наоѓа во склоп на овој уред. Системот го опслужуваат два војника.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња