Зошто купувачите веќе се борат за рускиот авион Checkmate?

Сергеј Карпухин/TASS
Дури летото 2021 година беше соопштено дека се прави ловечки авион од петтата генерација Checkmate, но странските купувачи уште отсега покажуваат голем интерес за овој проект.

Обединетата корпорација за производство на авиони работи на создавање на првиот руски ловец со еден мотор и со впечатлив назив Checkmate. Се очекува дека цената ќе биде мошне пристапна, помеѓу 30 и 35 милиони американски долари. Ниската цена и политичките прилики упатуваат на тоа дека многу земји кои не се примени во „клубот“ на државите со ловци од петтата генерација во арсеналот, сега сепак можат да го набават благодарение на рускиот производител.

Генералниот директор на Обединетата воздухопловна корпорација Јуриј Сљусар и заменикот на главниот конструктор на авионот Checkmate Алексеј Булатов (одлево надесно) на презентацијата на новиот едномоторен лесен тактички ловец од петтата генерација Checkmate на МАКС-2021.

Прототипот на авионот беше изложен на меѓународниот саем на воздухопловството Dubai Airshow кој се одржуваше во Обединетите Арапски Емирати од 14 до 19 ноември 2021 година. Ловецот го претставуваше државната корпорација „Ростех“ во затворен павилјон. Презентацијата на авионот, меѓу другите, ја посети и премиерот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и емирот на Дубаи Мухамед бин Рашид ел Мактум.

Не може секоја да купи американски авион

Денес американскиот F-35 Lightning е единствениот ловец од петтата генерација за кој навистина постои побарувачка на меѓународниот пазар. Него во својот арсенал, покрај САД, го имаат уште девет земји: Австралија, Велика Британија, Холандија, Данска, Израел, Италија, Норвешка, Јужна Кореја и Јапонија. F-35 ги поседува сите карактеристики на ловец од петтата генерација: ниска видливост кај радарите, надзвучна брзина, современа радиоелектронска опрема, појак полет и внатрешни делови за оружје. Една од дополнителните опции на F-35 е и можноста за вертикално полетување и слетување, така што авионот може да се користи и на универзални десантни бродови чии палуби се премногу куси за полетување на обични авиони.

Невидливиот ловец F-35B Lightning II на американскиот корпус маринци со ескадрила Marine Fighter Attack Squadron 242 подготвен за полетување од палубата на јапонскиот носач на хеликоптери „Izumo“ за време на заедничките операции во близина на јапонскиот брег, 3 октомври 2021 година.

Со други зборови сосема е очигледно дека американскиот Lightning може во голема мера да го подигне нивото на борбените можности на секоја армија на светот.

Слабата точка на авионот F-35 не во „хардверот“, но во неговата пазарна цена. Според податоците од отворените извори, минималната просечна цена на еден авион се движи помеѓу 80 и 100 милиони американски долари, со тоа што може да биде и значително повисока во зависност од тоа кој ја нарачува, судејќи барем според примерот на другите западни производители на воени авиони (на една земја авион може да ѝ се продаде за, да кажеме, 50, а на друга за 150 милиони американски долари). Под вакви услови само најразвиените земји со доволно голем воен буџет можат себеси да си дозволат набавка на поголем број супермодерни американски ловци од петтата генерација.

Политичките фактори исто така се важен аспект кој во голема мера го оневозможува пристапот на авионите F-35. Засега САД се подготвени да го продадат овој авион само на своите очигледни сојузници или на земјите што според мислењето Американците се длабоко во сферата на нивното влијание. Меѓутоа, дури ни продажбата на сојузниците не оди толку едноставно. Швајцарија посака да купи американски ловци F-35, но тоа не ѝ беше овозможено, иако имаше доволно пари и статус на сојузнички. Ја попречија европските колеги кои тврдеа дека ваквата одлука ги подрива позициите на европските компании кои го произведуваат и го продаваат ловецот Eurofighter Typhoon.

Втор пример за политички пречки за набавка на F-35 е случајот со Турција. Анкара од Русија купи еден полк зенитни ракетни системи С-400 „Триумф“ и поради тоа Американците не сакаат да ѝ продадат ловци од петтата генерација. Најмногу што американската страна сега може да ѝ понуди на Турција се ловците од четвртата генерација F-16.

Многумина можат да си дозволат купување на рускиот авион

Жуковски, Московска област. Посетители во павилјонот на компанијата „Сухој“ кадешто е презентиран едномоторниот лесен тактички ловец од петтата генерација Checkmate (Шах-мат) на Меѓународниот аерокосмички саем МАКС -2021.

Доколку во сите тие околности рускиот Checkmate скоро биде пуштен во сериско производство, тој може да стане мошне привлечна понуда на светскиот пазар за борбена авијација, смета Руслан Пухов, руски воен аналитичар и директор на Центарот за анализа на стратегии и технологии.

„Едномоторниот ловец од петтата генерација со најавена умерена цена како за набавка, така и за експлоатација, сигурно ќе биде интересен за поширокиот круг заинтересирани за нарачка, пред сè за оние земји кои од политички причини немаат можност за набавка на американските ловци F-35. Така тој може да стане своевидна 'порта во петтата генерација' за воените воздухопловства на многу земју од светот, како што F-35 стана исто таква 'порта' за привилегираните сојузници на САД“, вели Пухов за порталот Russia Beyond.

Експерт потсети дека Checkmate (кој според изјавите на производителите ги има сите карактеристики на петтата генерација) покрај набавната цена, судејќи според тврдењето на конструкторот, треба да биде поевтин од F-35 и кога станува збор за експлоатацијата. „Главниот конструктор на лесниот тактички авион изјави дека ловецот ќе има 'седум пати пониска цена за еден час летање' за разлика од американскиот авион F-35. Се проценува дека за американскиот авион во овој момент цената изнесува помеѓу 31.000 и 33.000 американски долари“, прецизираше директорот на Центарот за анализа на стратегиите и технологиите.

„Овој авион треба да биде конкуренција на американскиот ловец F-35 Lightning II и на шведскиот авион Saab JAS-39E/F Gripen NG (ловец од четвртата генерација) кој според сè, се доживуваат како идни главни ривали на пазарот“, истакна Пухов.

Производителот тврди дека првиот лет на првиот прототип на овој авион ќе биде изведен веќе во 2023 година. Производството на следните летни експериментални примероци е планирано за 2024-2025, а завршното државно тестирање за 2026 година. Истата година треба да биде реализирана и првата испорака на новите ловци на нарачателите. Во бизнис-планот на Обединетата корпорација за производство на авионот се наведува потенцијален обем на извоз на новиот ловечки авион во следните 15 години. Планирано е во овој период да бидат извезени вкупно 300 летала.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња