Руската армија до крајот на годината посилна за нова група ловци од петтата генерација Су-57

Министерство за одбрана на РФ/Global Look Press
Руското Воено воздухопловство до крајот на 2021 година ќе добие едно одделение нови ловци од петтата генерација Су-57. Групата од 4 летала ќе биде ставена во оперативна борбена употреба во декември оваа година.

Според плановите на руското Министерство за одбрана, во наредните три години ќе бидат испорачани 22 ловци од овој тип кои ќе влезат во оперативно борбено дежурство. До 2028 година во воздухопловните единици на руската армија ќе има вкупно 76 летала од овој тип, наведува веб-порталот РГ.

Во овој момент новите летала ќе бидат испорачани со мотори од првата етапа. Станува збор за модернизираната верзија на млазниот мотор кој моментално го користат ловците од генерацијата 4 ++ Су-35. Тој ќе му овозможи на Су-57 суперсонична брзина без да се стави во режим на дополнително согорување. Покрај тоа, кај него е зголемена потисната сила на моторот, посложен е системот на автоматизација, целосно е применет електронски систем за управување и е дизајнирана нова турбина.

Од 2025 година се планира комплетирање на модернизираните ловци од 5 генерација Су-57 со целосно нови мотори и редизајнирана кабина со напредна авионика.

Авионските мотори од втората етапа, кои во овој момент службено се означуваат како „Тип-30“, ќе бидат во целост изградени според нови и перспективни технологии. Според производителот, овој мотор ќе има многу новитети, кои во некои аспекти нема да имаат конкуренција во светот.

Покрај тоа, руските конструктори работат на Су-57 двосед, каде копилотот ќе има можност да управува со тешкиот ударен дрон „Охотник“ (или група такви – заб. на прев.). Се проценува дека операторот во вака конципираната верзија на авионот ќе може истовремено да управува група од четири ударни дронови кои ќе дејствуваат по различен спектар на копнени цели.

Проектот за мотор од новата етапа „Изделие 30“ е една од најенигматичните развојни програми на рускиот военоиндустриски комплекс. Без оглед на тоа што прототипот на ловецот Су-57 веќе леташе со овој мотор, неговите летечко-технички карактеристики официјално не се достапни. Според информациите од отворени извори, моторот е сличен на своите претходници АЛ-31 и АЛ-41, но е базиран на целосно нови агрегати кои се направени по принципите на модерната технологија. Резултат од широката употреба на најсовремени технолошки постапки при развојот и изработката на млазниот мотор од новата генерација е значителното зголемување на речиси сите негови технички карактеристики.

 


 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња