Руската „Хризантема-С“ Кинезите ја нарекуваат кошмар за хеликоптери и беспилотни летала

vitalykuzmin.net
Кинескиот портал „Соху“ посвети посебно внимание на универзалноста на ова самоодно орудие што се наоѓа во арсеналот на руската армија. Неговата ракета, која се движи со брзина поголема од брзината на звукот, е способна на голема далечина да пробие хомогена оклопна плоча со дебелина од 1250 мм, заштитена со слој динамична заштита. Покрај тоа, ракетите може да се управуваат преку 2 канали за наведување - радарски и ласерски.

Според авторот на кинескиот медиумски портал „Соху“, на последната воена парада во Москва по повод Денот на победата, самоодниот противтенковски систем 9П157-2 „Хризантема-С“ и не привлече големо внимание поради големиот број новитети на руската воена индустрија. Овој медиум со својот текст сака да ја исправи таа неправда и да му посвети внимание на овој крајно смртоносен систем. Нивниот текст го преведе рускиот веб-портал Иносми.

Кинеските автори го ставаат акцентот врз борбените способности на ова средство за борба против современите тенкови. Според нив, освен за копнени цели, овој систем може да се користи и против летечки објекти како беспилотни летала и борбени хеликоптери. Радарската станица со милиметарски дијапазон овозможува ефикасна примена на овој систем во сите временски услови.

Батеријата, која обично се состои од три самоодни орудија, е во состојба да исфрли од строј практично цела една тенковска чета која брои 14 тенкови.

Основно оружје на „Хризантема“ претставува суперсоничната ракета 9М123 која може да развие брзина од 1,2 Мах. Првите верзии на системот имаа ракети кои се наведуваа на целта со ласерски зрак, додека модернизираната верзија на ракетата 9M123-2 се наведува на целта со помош на радар. Во пракса тоа значи дека нанишанетиот тенк може да биде погоден без разлика на чадната завеса што ја користи како одбранбена мерка со реализација на дефанзивен маневар и повлекување од линијата на огнот.

Ракетата е наоружана со тандем-кумулативна боева глава со пенетрација од 1200+ мм (хомогена панцирна плоча со дебелина 1250 мм, заштитена со елементи на динамична заштита). Значи, од нејзиниот удар тешко може да се спасат современите борбени тенкови кои денес се во оперативна употреба. Ефективниот дострел на ракетата е до 6 илјади метри. Благодарение на самата конструкција на ракетата и нејзината аеродинамика, таа е многу прецизно оружје. Комбинираниот режим на наведување (ласерско и радиокомандно) овозможува симултано гаѓање на две различни цели. По верификацијата од операторот, наведувањето се одвива во автоматски режим. Притоа не се важни временските услови и времето на денот.

Едно самоодно возило во својот борбен комплет (б/к). има 16 ракети 9M123. Полнењето се врши автоматски. Техничките карактеристики на платформата ѝ овозможуваат на „Хризантема“ примена на терен со многу сложен релјеф.

Негативните карактеристики на овој систем се неговата релативно мала мобилност при огнено дејство, како и неможноста за радарско наведување на ракетата доколку на патот до целта има многу природни и вештачки пречки.

Самоодниот противтенковски ракетен систем „Хризантема-С“ е пред сè наменет за борба против современите, но и против перспективните основни борбени тенкови кои се максимално заштитени со повеќеслоен оклоп или со динамична заштита. Покрај оклопните цели, системот ефикасно може да се бори против утврдена жива сила на непријателот, нисколетачки воздушни цели, па и објекти на вода.

Екипажот е составен од двајца војници кои се наоѓаат во оклопен гасеничар со висока проодност 9П157-1. Покрај нив, тука се и хиперсоничните и борбено мошне способните противтенковски насочувачки ракети 9М123 и 9М123Ф (ракета наменета за утврдени огнени точки на непријателот). Калибарот на боевата глава изнесува 15 милиметри, а нејзиниот максимален дострел е 6000 метри. Постои простор дострелот на овие ракети да се зголеми на преку 8 км.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња