Руските научници можат да дијагностицираат белодробно заболување за 15 секунди

Комсомолскаја правда/Global Look Press
Руските научници од Јакутија за само 15 секунди со помош на вештачка интелигенција можат да дијагностицираат болест на белите дробови.

Јакутските научници за помалку од една минута со помош на вештачка интелигенција дијагностицираат заболување на белите дробови како последица на инфекција со коронавирусот, соопшти за РИА „Новости“ компанијата Sciberia, која ја разви новата методологија.

Компанијата, која е резидент на технолошките паркови „Јакутија“ и „Сколково“, пронајде начин во рекордно кратко време да дијагностицира оштетување на белите дробови за време на COVID-19 и да го намали заморот кај медицинските работници што се наталожи за време на пандемијата.

„Вештачката интелигенција ги обработува снимките од компјутерската томографија со голема брзина и со голема точност. Достигнавме брзина на обработка на снимките од просечно 15 секунди, додека точноста на наодите е до 98,5%, што ќе го намали заморот на вработените“, изјави коосновачот на проектот Антон Ломакин.

Тој истакна дека во нормални услови на еден лекар му требаат најмалку 30-40 минути работа за толкување на секоја снимка.

Според Ломакин, новата технологија ќе овозможи да се намали оптовареноста на лекарите, особено во време на влошување на епидемиолошката ситуација, што ќе им ја олесни работата и ќе им помогне да спасат стотици животи.

„Веќе во 2020 година овој метод беше успешно применет за откривање на вирусното запаление на белите дробови COVID-19 во медицинските установи во Јакутија. А денес, во соработка со Министерството за здравство на Република Саха, дијагностичкиот систем Sciberia веќе успешно се применува во четирите најголеми медицински установи во републиката“, истакнува Ломакин.

Претходно беше соопштено дека стартап компаниите на технолошкиот парк „Јакутија“ и Североисточниот федерален универзитет (СВФУ) ѝ помогнале на Република Саха во борбата против коронавирусот. Во дијагностиката на пациентите се користи интелигентен радиолошки информациски систем (IRIS), кој открива пневмонија предизвикана од коронавирусот врз основа на снимки од компјутерска томографија со точност од 95 проценти.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња