Според соопштенијата на медиумите, во Русија во 2022 година ќе стартува сериското производство на бродската далечински управувана борбена станица „Нарвал“.
„Станицата веќе ги помина сите борбени тестирања и е подготвена за производство“, соопштија медиумите повикувајќи се на Игор Афанасјев, генерален директор на компанијата НПО „Електромашина“ (НПО „Электромашина“) која го произведува ова оружје и е дел од државната корпорација „Ростех“.
Овој модул беше еден од многуте потенцијални додатоци на борбените станици на бојните бродови и се покажа како подобар, поевтин и полесен за експлоатација во споредба со другите проекти кои беа претставени на затворените воени тестирања на Министерството за одбрана во текот на 2021 година.
Генералниот директор на споменатата компанија изјави и дека веќе има цела низа потенцијални странски клиенти кои би биле заинтересирани за ова оружје. Меѓутоа, тој не наведе за кои земји станува збор.
Воените експерти претпоставуваат дека тоа се најверојатно земјите во Југоисточна Азија и Персискиот Залив, како и Индија, бидејќи во својот арсенал имаат чамци и бојни бродови од руско и советско производство.
„Први на списокот за додавање на оваа борбена станица се руските лесни воени чамци за крајбрежна одбрана. Во иднина борбениот модул ќе биде додаден и на поголемите бродови, а можеби дури и на руските ракетни крстосувачи како што е „Петар Велики“, вели воениот аналитичар на весникот „Известија“ Алексеј Рам.
„Нарвал“ е модул за далечинско управување со митралез „Корд“ со калибар 12,7 мм. Опремен е со дневни и ноќни камери, автоматски систем за следење на целта, термовизиска камера и радар кој бара цели во зоната на дејство на оружјето.
„Модулот „Нарвал“ е уште едно олицетворение на тенденцијата за создавање борбени системи со автоматско управување. Ние преминуваме во нова димензија на војување, каде што на бојното поле не се борат луѓе, туку машини“, вели Рам.
На Министерството за одбрана на Русија му се допаѓаат овие системи и затоа формираше цело одделение за развој на технологии за вештачка интелигенција.
„Проблемот овде е што имаме системи кои постепено ќе ги потиснат луѓето од бојното поле.
Тенденцијата на современата руска армија е да ја сведе улогата на човекот на бојното поле на минимум. Во овој момент оружјето со вештачка интелигенција се поставува на платформи на гасеници и тркала, а наскоро ќе се користи и на бродови“, истакна Рам.
„Денес на воениот пазар има мноштво такви системи. Рускиот систем е добар, но не можеме да тврдиме дека е подобар од конкуренцијата. Американците имаат одлична оптика и електроника, како и матрици и чипови во нивните борбени станици. Ние имаме подобра сигурност и огнена моќ бидејќи модулот е заснован на платформата на митралезот „Корд“, вели Игор Коротченко, воен аналитичар и главен уредник на списанието „Национална одбрана“ (Национальная оборона).
Тој додава дека основниот фактор на успех на овој борбен систем е неговиот маркетинг, т.е. прашањето можат ли руските компании да ги надминат Американците и да ги претстават своите системи на далечинско управување на потенцијалните клиенти подобро од конкуренцијата.
„Тоа секако ќе биде интересен додаток за Индија и земјите од Југоисточна Азија и Персискиот залив, бидејќи тие имаат многу наше оружје и ќе бидат заинтересирани за оваа технологија“, заклучува Коротченко.
Планирано е оружјето да се пушти во сериско производство во 2022 година. Експертите претпоставуваат дека дотогаш системот ќе биде тестиран во борбени услови во Сирија, бидејќи на инженерите им се потребни податоци за тоа како системот на оружје и вештачката интелигенција се однесуваат во екстремни ситуации.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче