Три уникатни видови оружје што ги користи руската армија во Сирија

Rostec
Ова оружје придонесе за промена на текот на сириската војна и сé уште се наоѓа на дежурство во Сирија.

Руската армија уште во 2015 година го користеше целиот свој арсенал за да го сврти односот на силите во сириската војна. Ги одбравме најнеобичните модели.

Ту-160 „Бел лебед“

Ова е најголемиот и најмоќниот суперсоничен авион во историјата на военото воздухопловство. Тој е истовремено и најбрзиот бомбардер што се користи во моментов. Поради својот изглед го доби прекарот „Бел лебед“.

Секој „Бел лебед“ може да носи 45 тони бомби и ракети. За споредба, странските авиони од ист ранг носат максимум 34 тони муниција (B-2 – 27 тони, B-1 – 34 тони, B-52 – 22 тони).

Овој авион има најмоќни мотори во класата стратешки бомбардери, така што развива брзина од 2300 километри на час, што е рекорден показател за стратешките бомбардери.

„Белите лебеди“ првпат беа применети во борбите за време на руската кампања во Сирија. На крајот на 2015 година тие со крстосувачки ракети Х-55 извршија напад врз објекти на „Исламската држава“.

„Тој напад имаше и симболична и воена цел. Симболична, затоа што требаше да му ги покажеме на светот можностите на нашата стратешка авијација. Воена, затоа што моравме итно да ги редуцираме силите на „Исламската држава“ на терен и во исто време да видиме како Ту-160 ќе се однесува во вистински борбени услови за време на долги летови“, изјави за порталот Russia Beyond Виктор Мураховски, главен уредник на весникот листа „Арсенал Отечества“.

Во моментов Военото воздухопловство на Русија има 16 авиони Ту-160 и Ту-160М1. Во рамките на државната програма за модернизација на вооружувањето за 2018-2025 година планирано е овие модели да се модернизираат до верзијата М2, која ќе има нови компјутерски системи и нова авионика, нов заштитен навигациски систем, нови средства за електронско војување што ќе ги штитат авионот и неговите ракети од „заслепување“, како и нови модерни наведувани и ненаведувани проектили.

Тежок повеќецевен ракетен лансер ТОС-1А

Тешкиот повеќецевен ракетен лансер ТОС-1А може на непријателот да му нанесе штета еднаква на последиците од тактички нуклеарен напад. Плотун испукан од овој радиохемиски систем уништува сé што е живо на површина од 40000 квадратни метри, каде што не е можно дури ни криење во подземни засолништа.

„Ова е еден од најсмртоносните системи на вооружување што ги има армијата. ТОС се користи во специјални операции, кога единиците мораат брзо да заземат позиции и да срамнат со земја лошо заштитена непријателска база со шатори, оклопна техника итн. Идеални цели се теренски камп, утврдени борбени позиции во планините и колона непријателски возила со вооружени војници“, објасни Мураховски.

(Примена на ТОС во Сирија)

Модернизираната верзија ТОС-1А има 24 ракети. Може да истрела ракети од една и од две цевки истовремено. Цел плотун од две цевки трае 6 секунди, а од една 12 секунди. Потребни се 90 секунди да се подготви и да отвори оган.

Системот е наменет за уништување на лесна оклопна техника, за палење објекти и конструкции и за уништување на жива непријателска сила со шрапнели и пламен од експлозија на ракета со калибар 220 мм со термобарички и чадни боеви глави. Дострелот на ТОС-1A изнесува 6 километри.

Подводен автомат

АПС-5 е кратенка од „Автомат Подводен Специјален“. Станува збор за подводно оружје што го користи руската морнарица. Ставен е во функција уште во 1975 година, за време на советскиот период, но печатот на државна тајна е симнат од него дури по распадот на Советскиот Сојуз, за ​​време на годишната меѓународна воена изложба во Абу Даби.

„Го користеа и сé уште го користат руските маринци за заштита на воени и трговски бродови во сириската база Тартус“, додава Мураховски.

Овој автомат во борба уништува цел оддалечена 30 метри на длабочина од 5 метри. Дострелот зависи од длабочината. На длабочина од 40 метри може да уништи цел оддалечена само 10 метри.

Оружјето првично беше наменето за ликвидација на подводни диверзанти и шпиони на потенцијалниот непријател. Главно се користи за заштита на закотвени бродови и подморници од обиди да им се закачи бомба на нивното дно. Може да се користи и за заштита на маринците од подводни грабливци како што се ајкулите.

AПС-5 има режим на поединечна и автоматска стрелба. Може да се користи и на суво, но тогаш не е многу ефикасен, бидејќи неговиот дострел не е поголем од 100 метри. Поради тие околности командосите се принудени да носат два митралези, АПС и АК, за да можат да се борат и на суво.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња