Русија на „Партнер 2021“ го претставува брзиот патролен чамец „Раптор“

Виталиј В. Кузмин/vitalykuzmin.net
Повеќенаменскиот патролен чамец од класата 03160 „Раптор“ е идеален за патролирање по реки, крајбрежна морска зона, за обезбедување поголеми воени бродови и за борба против потенцијален непријателски десант. Тоа е пловило што се карактеризира со силно вооружување и многу моќни мотори кои генерираат 2300 коњски сили. Ова му овозможува на „Раптор“ да постигне брзина од речиси 100 км/ч и покрај засилувањата што се состојат од оклопни плочи со нивоа на заштита „5“ и „5А“.

АД „Рособоронекспорт“ (составен дел на Државната корпорација „Ростех“) првпат ќе учествува на X Меѓународен саем на вооружување и воена опрема „Партнер 2021“ што од 11-14 октомври оваа година се одржува на Белградскиот саем. Според првиот човек на државната корпорација „Рособоронекспорт“ Александар Михеев, на штандот № 4001 во павилјонот 4 на белградскиот саем ќе бидат претставени и брзите патролни и десантни пловила од класите 03160Е (рус. 03160Э) и БК-16Е (рус. БК-16Э) кои, меѓу другото, се идеални за употреба и на речните водотеци.

Првиот патролен брод од класата 03160 „Раптор“ е развиен и произведен од бродоградилиштето ОАО ЛСЗ „Пела“ во август 2013 година. Според својата конструкција е сличен на шведскиот CB 90 развиен од компанијата „Докставарвет“. Во споредба со него, рускиот „Раптор“ има поголеми димензии, опремен е со помоќни мотори, има подобри карактеристики кога станува збор за мобилноста и има поквалитетно вооружување. Истата година започнаа првите тестови, а во 2014 година беа потпишани првите договори за негово производство и испорака за потребите на руското Министерство за одбрана. Воената морнарица на Руската Федерација нарача 24 единици од овие пловила, од кои досега  се испорачани 17 кои влегоа во состав на воената флота.

„Раптор“ може да извршува различни задачи, вклучувајќи патролирање, противтерористички задачи, мисии за пребарување и спасување, операции за префрлување жива сила и нејзин десант, обезбедување крајбрежни области, притоки и водотеци, важни инфраструктурни објекти, воени бази, поддршка на специјалните сили, пресретнување и неутрализација на брзи пловила итн. Покрај стандардните два члена на екипажот, десантниот отсек на „Раптор“ може да прими до 20 војници со полна борбена опрема.

Според пензионираниот полковник и руски воен експерт Виктор Литовкин, патролниот брод „Раптор“ претставува еден од најквалитетните борбени пловила кога станува збор за обезбедување на крајбрежна зона и инфраструктура.

„Тоа е извонредно пловило што им помага на нашите морнари во реализацијата на широк спектар на задачи. Овој чамец е неопходен за патролирање по реки, крајбрежна морска зона, обезбедување поголеми воени бродови и борба против потенцијален непријателски десант“, истакна неодамна рускиот експерт за веб-порталот RT.

Пловилото е со должина 16,9 метри, ширина 4,1 метри и висина 3,6 метри. Минималниот газ е 0,9 метри. Депласманот на „Раптор“ изнесува 23 тони. Со полни резервоари „Раптор“ може да помине растојание од 500 км. Пловилото е опремено со модерна навигациска опрема што му овозможува да патролира во сите временски услови. Благодарение на моќните мотори кои генерираат вкупно 2300 коњски сили, „Раптор“ е во состојба да постигне максимална брзина од 50 јазли.

Што се однесува до вооружувањето, тоа се состои од далечински управуван модул вооружен со тежок митралез КПВТ со калибар 14,5 мм и ефективен дострел до 2 илјади метри. Борбениот модул се состои од оптоелектронски нишански уред кој во сложени услови може да открие цели на растојание до 3000 метри и кој е вмрежен во системот за управување со огнот. Покрај тешкиот митралез со калибар 14,5 мм, патролниот чамец е вооружен и со два митралези со калибар 7,62 мм 6П41 „Печенег“ кои се наоѓаат на носачи што покриваат круг од 360 степени.

Во Република Србија се одржува јубилејниот X Меѓународен саем за вооружување и воена опрема „Партнер 2021“, кој според својата понуда и бројот на излагачи е најголемиот и најважниот саем за вооружување и воена опрема во Југоисточна Европа. Манифестациите ќе траат од 11-14 октомври на Белградскиот саем. На „Партнер 2021“ ќе бидат претставени повеќе од 70 главни проекти од развојот на Военотехничкиот институт, кој работи независно или заедно со Одбранбената индустрија на Србија. На посетителите ќе им бидат претставени артилериски и ракетни системи, системи за ПВО, модернизирани борбени возила, нови оклопни возила, авиони, беспилотни воздушни и копнени борбени платформи, противтенковски системи, телекомуникациски системи за управување со оган, теренски возила, како и разни видови наведувани и ненаведувани проектили. „Југоимпорт СДПР“ ќе изложи околу 40 системи од сопствената развојна програма, а компании од групата Одбранбена индустрија на Србија, покрај системите што ги развиваат во соработка со Военотехничкиот институт, ќе ги претстават и своите независни развојни проекти. Меѓународниот саем за вооружување и воена опрема „Партнер 2021“ ќе се одржи во салите 1 и 4 и на отворениот простор на Белградскиот саем, на површина од околу 26000 квадратни метри изложбен простор.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња