Како Русија се бори за светскиот пазар на оружје?

Едномоторен лесен тактички ловец Checkmate (Шах-мат) од петтата генерација на Меѓународниот аеро-космички саем МАКС -2021, 20 јули 2021 година.

Едномоторен лесен тактички ловец Checkmate (Шах-мат) од петтата генерација на Меѓународниот аеро-космички саем МАКС -2021, 20 јули 2021 година.

Leonid Faerberg/SOPA Images/LightRocket/Getty Images
Пакетот нарачки од руската воена индустрија постигна рекордни 53 милијарди американски долари.

Каква е стратегијата на Русија во стекнувањето нови клиенти и пазари?

Во текот на летото 2021 година Русија потпиша договори за продажба на оружје со вкупна вредност од 3 милијарди евра. Ова е постигнато во рамките на меѓународните изложби на вооружување кои се одржуваа во земјата: поморската МВМС-2021, авио-космичката МАКС-2021 и военотехничката изложба Армија-2021. Во оваа сума се вброени и нарачки на авиони Су-30, хеликоптери Ми-35 и Ми-171, како и авијатички средства. Нарачани се зенитно-ракетни топовски системи „Панцир“ и преносни системи „Верба“. Клиентите ги заинтересира и радарската станица „Противник-ГЕ“, системот за попречување радиобранови „Красуха“ и „Репелент-Патруљ“, како и противтенковскиот ракетен систем „Корнет-ЕМ“. Покрај тоа, странските купувачи одлучија да набават борбени модули на далечинско управување, оружје за бродови и подморници, стрелачко оружје и муниција. За првпат се извезува во странска земја бродскиот артилериски систем „Палма“. Ова не е комплетен список на продаденото оружје.

Вештачки зглобови од ракетата Циркон

Зголемувањето на продажбата на своите производи на странските партнери е смислена стратегија на руските производители на оружје, зашто денес руската армија практично ја има завршено својата техничка модернизација. Вложени се 23 билиони рубли во десетгодишната програма за модернизација на оружјето, што за Русија е астрономска сума. Според министерот за одбрана Сергеј Шојгу, руската армија сега има 71.9% модерно оружје и техника, и ова ниво е достигнато оваа година. Ова е најдобар резултат на светот. Од друга страна, програмата за модернизација е завршена, така што производителите на оружје не можат да сметаат на слични инвестиции. Претседателот Владимир Путин ја предупреди руската воена индустрија дека тие мораат да го диверзификуваат своето производство на оружје и воена техника. До 2030 година уделот на воената продукција во вкупниот обем на производство на военоиндустриските претпријатија не треба да биде поголем од 50%. Сето останато треба да бидат производи за цивилна употреба.

Меѓутоа, претпријатијата од руската воена индустрија главно не сакаат да прават цивилни производи и не се снаоѓаат најдобро во таа сфера.

Медицинските производи од јаглеродни композитни материјали според издржливоста не се зад јачината на човечкото коскено ткиво.

За волја на вистината, постојат исклучоци. Започнувајќи од изложбата МАКС-2019, државната корпорација „Тактичко ракетно вооружување“ која произведува крстосувачки ракети, интензивно рекламира ендопротези од сопствено производство. Човековиот скелет на штандовите на компанијата е впечатлив и се забележува на сите изложби, дури и во опкружување со најперспективните ракети, морски мини и торпеда. И тоа воопшто не е невкусно потсетување на минливоста на земскиот живот. Излегува дека компанијата поседува технологија за производство на ендопротези за зглобови од карбон/карбон (С/С) композити (вид карбонски материјал кај кој основата од карбон е зајакната во јаглеродни влакна). Според изјавата за медиуми што ја даде оваа компанија, споменатиот материјал може да издржи температура од 2.500 степени и според своите својства многу потсетува на човековото коскено ткиво. За разлика од титаниумските протези, ендопротезата практично се сраснува со човековиот организам и со текот на времето не е потребна замена. Шефот на компанијата Борис Обносов соопшти дека моментално технологијата е во фаза на добивање сертификат и се гради фабрика за производство на зглобови. Во овој контекст не е тешко да се претпостави дека материјалот на овие зглобови е ист како и кај оплатата на хиперсоничниот нуклеарен блок „Аванград“ и ракетата „Циркон“.

Сè за продажба

Но, овој пример е повеќе исклучок одошто правило, и поради тоа, без да се изгуби внатрешниот обем на нарачките, руската воена индустрија со особено внимание гледа на Запад и на Исток.

Десетгодишните инвестиции во модернизацијата на воената индустрија и нарачките на нови модели на вооружување доведоа до тоа што сега рускиот военоиндустриски сектор има вишок капацитет кој може да го реализира само на надворешниот пазар. Државната компанија „Рособороноекспорт“ ја согледа оваа тенденција многу пред да дојде до кризата поради вишокот производи. Овој проблем сега се решава со агресивна политика на промовирање производи од руската воена индустрија на пазарот кој претходно не беше во сферата на нејзините компетенции.

На пример, на авиокосмичката изложба МАКС-2021 за првпат во историјата на руската воена индустрија претставен е новиот лесен тактички ловечки авион Checkmate (засега во облик на макета). Шефот на корпорацијата Сергеј Чемезов изјави дека новитетот ќе чини 25-30 милиони американски долари, што е неколку пати поевтино од странските еквиваленти. Чемезов прецизираше дека станува збор за два еквиваленти: францускиот Dassault Rafale и шведскиот Saab Gripen. Според него, цената на овие авиони од странско производство се движат во дијапазон од 60 до 90 милиони американски долари. Тој додаде дека Checkmate ќе биде „навистина функционално решение“ за земјите кои не можат да го купат ловецот F-35 Lightning II за 120 милиони американски долари. Беше споменато дека се очекува извоз на најмалку 300 вакви авиони на странскиот пазар.

Министерот за индустрија и трговија Денис Мантуров во февруари 2021 година за време на Изложбата на оружје во Абу Даби во интервју за руските медиуми рече дека Русија и Обединетите Арапски Емирати формираат заедничко претпријатие за конструирање и за создавање суперсоничен патнички деловен авион. Според него, пред Емиратите во проектот ќе учествува суверениот фонд Mubadala. Абу Даби во сферата на купување оружје и техника до неодамна беше стратешки партнер на САД, а сега е подготвен да работи на производство на машина за која како база може да послужи стратешкиот бомбардер Ту-160 „Бел лебед“.

Противвоздушен ракетен систем С-400 „Триумф“.

Русија не конструира никакви политички „пентаграми“ во изборот на деловните партнери. Анкара во повеќе наврати го изневери рускиот контингент кој војува во Сирија. Турските ловци Ф-16 во 2015 година соборија руски авион Су-24М кога на задача поврзана за уништување на терористички бази тој влезе во воздушниот простор на Турција (загина командантот на екипажот потполковникот Олег Пешков). И покрај тоа, Москва на турската армија ѝ го испорача најмодерниот зенитно-ракетен систем С-400 „Триумф“. Згора на тоа, Сергеј Чемезов предлага Анкара да помогне во создавањето ловец од петтата генерација.

„Турција има намера да реализира проект за сопствен ловец од петтата генерација TF-X. Ние поседуваме уникатни компетенции во областа на конструирање и на производство на авијациски системи и потсистеми, така што можеме да ја разгледаме можноста за соработка со турските партнери за создавањето нов ловец“, изјави Сергеј Чемезов за РИА Новости.

Овие примери се илустрација за дејствувањето на руските продавачи на вооружување и техника. Традиционалните руски пазари во Индија, Кина и во низа други земји се преполни со руско оружје. Потребни се нови пазари за пласман. Но, овие пазари се „традиционално“ зафатени од страна на САД и на други западни земји. Русија се труди да ги искористи своите нови технолошки можности и да ја сврти ситуацијата во своја корист. Таа не предлага само производи по поволни цени, ами е подготвена и да го кредитира купувачот. Весникот „Комерсант“ во 2020 година, повикувајќи се на извор во дипломатските кругови, соопшти дека Москва е подготвена да го кредитира Коломбо со околу 500 милиони американски долари за купување шест ловци Су-30 и партија оклопни транспортери БТР-82А, а покрај тоа да кофинансира создавање перспективно оружје.  Соработката со Русија е поволна и во таа смисла што таа смисла што таа е подготвена да ги подели своите технологии со земјите кои купуваат производи од нејзината воена индустрија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња