Србија произведе 1,5 милиони дози руска вакцина „Спутник V“

Frank Hoermann/SVEN SIMON/Global Look Press
Белград планира да произведе 4 милиони вакцини до крајот на годината.

Србија во своите претпријатија произведе 1,5 милиони дози вакцина „Спутник V“ врз основа на руски технологии. Ова беше објавено во четвртокот, 7 октомври, по потпишувањето на протоколот на 19 пленарна сесија на Руско-српскиот меѓувладин комитет за трговија, економија и научнотехничка соработка, соопшти министерот Ненад Поповиќ, задолжен за иновации и технологии во Владата на Србија, пренесува ТАСС.

„Произведовме 1,5 милиони дози вакцини [Спутник V], а до крајот на годината ќе произведеме 4 милиони дози “, изјави тој. Српскиот министер ѝ се заблагодари на Русија за помошта во организирањето на производството.

Тој, исто така, посочи дека Србија ѝ е благодарна на Русија за поддршката за време на пандемијата.

„Благодарни сме ѝ на Русија за поддршката за време на пандемијата на COVID-19 што ја добивме на сите нивоа“, рече Поповиќ. Српскиот министер, исто така, му се заблагодари на вицепремиерот на Русија, Јуриј Борисов, за иницијативата за производство на руски вакцини против ковид во Србија, што успешно ја реализираше српската страна.

Поповиќ, исто така, ја истакна поддршката што Русија ѝ ја дава на Србија на меѓународната сцена, вклучувајќи го и прашањето за Косово и Метохија.

Работата на руско-српскиот меѓувладин комитет за трговија, економија и научнотехничка соработка започна на Златибор во Србија со билатерална средба меѓу копретседавачите на комитетот Борисов и Поповиќ. По билатералните разговори, се одржа 19 пленарна сесија со учество на делегациите на која се дискутираше за реализација на заеднички проекти во областа на енергетиката со учество на големи руски компании. По разговорите беше потпишан протоколот од 19 сесија.

На 3 февруари рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ за можноста за производство на руска вакцина на територијата на Србија. По разговорот, лидерот на Србија соопшти дека неговата земја, со помош на стручњаци од Русија, ќе ги изгради потребните капацитети и самостојно ќе ја произведува вакцината. На 4 јуни Путин и Вучиќ го означија почетокот на производството на вакцината „Спутник V“ во Белград.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња