Русите се распукаа со „Циркони“: лансирана уште една ракета од длабочина од 40 метри

Владимир Сајапин/TASS
Само неколку часа откако беше изведено првото успешно тестирање на хиперсоничната крстосувачка ракета „Циркон“ од платформата на јуришната нуклеарна подморница „Северодвинск“, следуваше сосема неочекувано уште едно боево тестирање, но овој пат додека подморницата се движеше 40 метри под површината на водата. И двете лансирања беа оценети како успешни.

Нуклеарната јуришна подморница „Северодвинск“ изведе и второ успешно лансирање на хиперсоничната крстосувачка ракета „Циркон“. Овој пат подморницата се наоѓаше 40 метри под нивото на водата. Условната цел се наоѓаше во акваторијата на Баренцовото море, додека ракетата беше лансирана од акваторијата на Белото Море. Ова на руските новинари им го пренесе информативната служба на Министерството за одбрана на РФ.

„Второто пробно лансирање на хиперсоничната крстосувачка ракета „Циркон“ беше реализирано од платформата на јуришната нуклеарна подморница „Северодвинск“. Првото лансирање беше извршено додека подморницата се наоѓаше на површината на водата, додека вториот пат ракетата полета додека подморницата се наоѓаше на длабочина од 40 метри. Од акваторијата на Белото море ја погоди условната цел, која ја имитираше брод во акваторијата на Баренцовото море. Според првичните информации, боевото гаѓање со хиперсонична ракета „Циркон“ е успешно завршено. Ракетата во сите фази на летот ги оствари летечко-техничките перформанси што ги гарантираше нејзиниот производител. Условната цел беше успешно уништена“, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана што го пренесува веб-порталот ТАСС.

 

 

Утринава беше соопштено дека е реализирано првото борбено тестирање на хиперсоничната ракета „Циркон“ од платформата на нуклеарна подморница. Имено, во боевото тестирање учествуваше нуклеарната јуришна подморница од составот на Северната флота „Северодвинск“ која го претставува првото оперативно пловило од класата подморници „Јасен.“ Самото лансирање беше изведено додека подморницата се движеше по површината на водата, а никој не можеше да претпостави дека неколку часа подоцна ќе следи и дополнително лансирање, само овој пат од подводна позиција.

Новата хиперсонична ракета „Циркон“ ќе има способност на својата траекторија на летање да оствари максимална брзина од 9 маха при што ќе може да напаѓа цели на далечини и до 1000 километри. Се претпоставува дека со овој тип ракета ќе бидат вооружени површинските воени бродови и подморниците, како перспективните, така и оние кои веќе се наоѓаат во оперативна функција. Треба да се напомне и дека рускиот претседател Владимир Путин кон крајот на минатата година првпат ја спомена можноста за развој и на копнена верзија на хиперсоничниот ракетен систем „Циркон“. Според различни информации, должината на ракетата ќе изнесува 8-10 метри, додека тежината на боевата глава ќе достигнува 400 кг.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња