Сé што е познато за митралезот на рускиот Спецназ што користи калибар на НАТО

Михаил Дегтјарјов/kalashnikov.ru
Ова ќе биде првиот руски митралез со снајперски можности и потенцијал да онеспособи дури и лесна оклопна техника.

Руските производители на оружје неодамна го претставија ОЦ-128O, еден од моделите кои во иднина можат да го заземат местото на сегашниот митралез „Печенег“, направен во раните 1990-ти за руската армија. Ова оружје на почетокот на септември 2021 година му беше демонстрирано на дописникот на порталот Russia Beyond на приватно стрелиште надвор од Москва.

Во моментов, Министерството за одбрана на РФ го тестира митралезот во воените единици, но со статус на воена тајна, така што засега може да се соопштат само мал број факти за новото оружје.

Што го прави толку необичен?

OЦ-128 ќе биде првиот руски митралез кој ќе користи НАТО муниција од 7,62х51 мм. Тоа е направено од две причини.

Пред сé, значително да се подобри прецизноста на оружјето.

„Неговиот непосреден претходник беше направен за баражен оган. Тој е моќен, но не е прецизен. Не можете да испукате десетици куршуми и да очекувате дека тие ќе ја погодат целта на едно исто место“, вели Иван Алексеев, поранешен офицер на Спецназот.

Како што истакнува тој, новиот митралез ќе користи муниција која често се користи во снајперските пушки на НАТО. Таа муниција е мошне ефикасна на пократки дистанци од 600-700 метри. Оружјето има и избалансиран автоматски систем позајмен од ретките автомати АЕК-971 за специјалните единици.

„Благодарение на избалансираниот автоматски систем, АЕК-971 е чувствително оружје, погодно за специјални операции, но не и за слабо обучени редовни војници кои честопати треба да ползат низ кал или мочуриште со оружје во рацете. Тоа е најголемата разлика помеѓу овој модел и кој било автомат АК кој лесно може да издржи погруб третман“, истакнува експертот.

Второ, новиот куршум од митралезот мора да биде исто толку моќен како и куршумот што го користи митралезот „Печенег“.

„И едниот и другиот имаат голем и моќен калибар. И двата калибари се користат во митралези за баражен оган при покривање на пешадијата за време на напад. Сепак, OЦ-128 ќе биде попрецизен. Во случај на војна, таквата муниција ќе биде полесно да се најде на бојното поле“, тврди Алексеев.

Од друга страна, еден од недостатоците на овој митралез е неговата тежина. OЦ-128 без муниција тежи 7 кг. Овој митралез користи реденик, а митралезите со реденик се сметаат за посигурни и поефикасни од митралезите со стандарден магацин.

OЦ-128 ги има сите модерни функции на оружје со високи ергономски показатели. Има кундак што се преклопува странично и лесно може да се прилагодува за луѓе високи од 160 до 215 см.

На горната и долната страна има шини на кои може да се прикачи целата модерна оптика и опрема.

Експертот споменува уште еден помал недостаток. Тоа е цената на оружјето. Муницијата со калибар 7,62х51 е поскапа од муницијата што обично се користи за митралезите „Печенег“.

„Ова оружје и онака нема да биде масовно произведувано, бидејќи потребни се милијарди долари и административни ресурси од огромни размери за да се заменат со него сите автомати „Калашников“ во руската армија. Тоа не е реално остварливо, ниту е потребно. OЦ-128 ќе се набавува селективно и во помали партии, само за одредени единици. Тоа ќе биде одличен додаток на вооружувањето, но не би рекол дека се работи за нешто револуционерно“, заклучува експертот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња