Што би можела да донесе појавата на ПВО-ракети со голем дострел на руските нуклеарни подморници?

MOD Russia/via Globallookpress.com
Според руските воени експерти, интеграцијата на респектабилен ПВО-систем што би се нашол на руските подморници би можела значително да ја промени оперативно-тактичката ситуација во морињата и океаните. На тој начин драматично би се намалила ефикасноста на противподморничката авијација која претставува најефикасно средство за борба против подморници.

Воздухопловството претставува најефикасно средство за откривање подморници: има брзина на која пловните борбени средства не можат да  ѝ парираат, поточно има способност брзо да се префрли во потребниот реон и да ги концентрира потребните сили за реализација на задачата. Уште една важна предност на противподморничките летала е тоа што нивниот непријател (во конкретниов случај - подморниците) немаат соодветни средства да дејствуваат по нив. Меѓутоа, доколку подморниците би биле опремени со ПВО-ракети кои можат да се употребат додека сé уште се наоѓаат под вода, тогаш ситуацијата на бојното поле фундаментално би се променила, пренесува веб-порталот РГ.

За време на извршувањето на борбената задача, противподморничките авиони и хеликоптери претставуваат релативно лесна цел за модерните средства за ПВО, согласни се воените експерти. Активниот развој на ракетните системи за ПВО за потребите за опремување на подморниците започна во раните 70-ти години на минатиот век, но од разбирливи причини, не беше постигнат голем напредок во врска со тоа. Во овој момент се појавија нови технологии кои овозможуваат изградба на квалитетен ПВО-систем за потребите на вооружувањето на подморниците. Уште во 2014 година руските конструктори ја разгледуваа интеграцијата на ПВО-систем кај кој лансирните модули, во кои би се наоѓале ракети со краток дострел, би се вградувале во специјални отсеци во трупот на подморницата, додека ракетите со долг дострел би се базирале во вертикални лансери во кои се наоѓаат крстосувачки ракети. За детекција на цели и нивно „фаќање“ би се користел радар поставен на перископот на подморницата.

Треба да се напомене во Русија е патентиран автономен систем за самоодбрана на подморници кој се наоѓа во цевките за лансирање на торпеда со калибар 533 мм. Развојните конструктори предложија интеграција на автономен електронски систем кој би управувал со овој комплекс со минимален ангажман на екипажите на подморниците.

Кога зборуваме за ПВО-систем специјализиран за заштита на подморници, најголем напредок во светот бележи германско-норвешкиот проект IDAS. Неговата ракета долга 2,6 метри се лансира од цевка за торпедо, при што нејзините крилја се шират по излегувањето над површината на водата. Германските и норвешките конструктори успеаја да решат два сериозни проблеми кога станува збор за конструкција на овие системи: успешна работа на ракетниот мотор во различни средини и зачувување на оптичкиот контролен канал. За тоа се користи многу тенок кабел. Во текот на тестирањата ракетата постигнуваше забрзување до високи супсонични брзини чиј домет изнесуваше до 20 километри. Исто така, ПВО-системот IDAS е оптимизиран за гаѓање цели со мала брзина - хеликоптери, кои се особено ранливи за време на летот со вклучен сонар.

„Самата информација дека руските нуклеарни подморници се опремени со системи за ПВО ќе го натера непријателот да реагира, бидејќи неговите најефикасни средства за борба против подморниците ќе бидат загрозени. Во секој случај, ефикасноста на противподморничките авиони ќе биде намалена“, сметаат авторите.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња