Т-80БВМ (фотографија на тенкот Т-80УМ2 во текстот)
Министерство за одбрана на РусиjаНа штотуку завршената здружена воена вежба на војските на Русија и Белорусија „Запад 2021“, реализирана во стратешки формат, беа забележани различни модели на борбена техника како во копнените, така и во воздушните сили на армијата. Така, на железничка композиција на елитната 4-та гардиска тенковска дивизија беше забележана и модернизирана верзија на основниот борбен тенк Т-80УМ2 со значително зголемена оклопна заштита. Овој тенк претставува понатамошна модернизација на претходната верзија која го носеше називот Т-80УМ1 „Барс“ кај која е вграден модернизиран топ 2А46М-4, нова генерација комуникациски уреди, модернизирана гасна турбина ГТД-1250Г, клима-уред и комплекс на активна оптоелектронска заштита „Штора 1“.
Најголемата разлика кај верзијата Т-80УМ2 е инсталирањето на комплексот за активна заштита на тенкот од втората генерација „Дрозд 2“. Првата генерација на овој систем ја виде светлината на денот уште за време на СССР во раните 80-ти години на минатиот век. Неговата основна намена е заштита на семејството тенкови Т-80 (модернизираните верзии) од кумулативни проектили испукани од рачни ракетни фрлачи, вклучително и наведувани противтенковски ракети. Комплексот на активна заштита „Дрозд 2“ претставува понатамошна еволуција на овој систем кај кој врз основа на резултатите во текот на експлоатацијата на претходната верзија беа подобрени основните карактеристики.
Овој комплекс има способност при детекција на проектил (радарска антена) што се движи кон тенкот да ги активира специјалните модули сместени на бочните страни на тенковската купола во кои има разорно-фрагментарни проектили, тнр. пресретнувачи. Овие „пресретнувачи“ имаат исклучително висока сила на детонација и способност за густо расфрлување на фрагментите во правецот од каде што доаѓа проектилот. Благодарение на овие карактеристики, со нивна помош можат да се уништат надоаѓачките проектили кои летаат со брзина и до 1200 км/с. Употребата на овој комплекс кај основните борбени тенкови драстично ја зголемува нивната оклопна заштита. Според производителот, загубите на тенкови опремени со комплексот за активна заштита „Дрозд 2“ се 3,5 пати помали од тенковите кои немаат ваков вид заштита.
Треба да се истакне дека за време на модернизацијата на овој комплекс руските конструктори исто така водеа сметка и за неговата модуларност, односно со одредени измени тој може да се постави на разни видови оклопна борбена техника, вклучително и стационарни објекти.
Покрај комплексот за активна заштита „Дрозд 2“, руските конструктори интензивно работат и над други системи со сличен принцип на работа, како што се „Арена М“ (Т-90М) и „Афганит“ (Т-14 Армата“). Вториот ќе мора да одговори на исклучително високите тактичко-технички барања кои ќе мора да содржат можност за пресретнување на поткалибарски кинетички проектили чија брзина достигнува речиси 2000 м/с (хиперсоничност), вклучувајќи, се разбира, и заштита на горната проекција на тенкот. Целиот комплекс ќе мора да има неверојатна брзина на реакција која се мери во делови од секундата.
Заедничките воени вежби во стратешки формат на вооружените сили на Русија и Белорусија се реализираат на секои две години. „Запад 2021“ ја претставува завршната фаза на заедничката проверка на вооружените сили на двете војски која е поврзана со годишната програма за обука. Практичните дејствија на ангажираните сили од повеќе видови и родови на двете војски траеја до 16 септември на девет полигони, распоредени на територијата на Русија, во водите на Балтичкото Море, како и на пет полигони на територијата на Белорусија.
Според информациите на руското Министерство за одбрана, во стратешката воена вежба „Запад 2021“ беа ангажирани вкупно 200 илјади војници и офицери, околу 80 авиони и хеликоптери, до 760 единици разновидна борбена техника, од кои 290 основни борбени тенкови, 240 артилериски орудија, повеќецевни ракетни лансери и минофрлачи, како и 15 бродови. Планирано е сите ангажирани единици со органите за управување (командата) да се вратат во своите постојани места на базирање до средината на октомври.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче