САД стравуваат од појавување на радарот „Енисеј“ во Белорусија

vitalykuzmin.net
Последниот разговор меѓу претседателот на Русија Владимир Путин и претседателот на Белорусија Александар Лукашенко обезбеди услови за соработка меѓу двете земји во дури 28 различни категории. Тоа значи заедничка соработка на полето на одбраната, вклучувајќи ја и најновата ПРО/ПВО технологија од следната генерација. Американските експерти стравуваат дека на територијата на Белорусија наскоро би можел да се најде и „скапоцениот камен“ на руската воена индустрија, ракетниот систем С-500 „Прометеј“.

Последниот разговор меѓу двајцата државници, претседателот на Русија В.В. Путин и неговиот колега, претседателот на Република Белорусија Александар Лукашенко, обезбеди услови за соработка меѓу двете пријателски земји во дури 28 различни категории. Една од нив е силното опремување на белоруската армија со модерни руски системи на вооружување во износ од 73,1 милијарди руски рубли (околу 1 милијарда долари). Тука би се нашле новите контингенти борбени авиони, хеликоптери, самоодни ракетни ПВО-системи „Тор-М2“ и дополнителна борбена техника од различен тип и намена, пренесува веб-порталот РГ.

Во текот на средбата белорускиот претседател беше информиран и за тактичко-техничките можности на новиот руски ПВО/ПРО систем С-500 „Прометеј“. Руската армија има во план да ги опреми првите ракетни единици со овие системи до крајот на оваа година. Што се однесува до набавката на системи од овој формат, покрај Кина, Индија и Алжир, интерес изрази и Минск. Според американските воени експерти, можноста С-500 „Прометеј“ прв да отиде во рацете на белоруската армија има за Москва многу поголемо значење отколку класичниот комерцијален договор што би бил склучен со други земји. Зошто?

Согласно најновиот стратешки договор на највисоко ниво меѓу претседателите на двете земји, кој во практична смисла подразбира формирање на сојуз, а со тоа и унифициран систем за противракетна и противвоздухопловна одбрана, самото распоредување на западните белоруски граници радари со голем опсег кои се дел од новиот систем С-500 „Прометеј“ би ѝ обезбедило на Москва сериозен продор кога станува збор за контрола на воздушниот простор над голем број земји на НАТО, вклучувајќи ја и СР Германија. Тоа би ѝ донело стратешка предност на Русија во случај на потенцијален конфликт, сметаат американските експерти со оглед на доктрината на НАТО, која во голема мера се потпира на военото воздухопловство.

ПВО/ПРО С-500 „Прометеј“ ќе може да се бори против комплетниот спектар воздушно оружје, вклучувајќи хиперсонични летечки објекти и боеви блокови на интерконтинентални балистички ракети. Основната „противавионска“ ракета што ќе ја применува системот С-500 ќе биде 40Н6. Таа ќе може да соборува цели на далечини и до 400 км. Оваа ракета веќе се наоѓа во вооружувањето на системот С-400 како негово топ-оружје. За пресретнување на балистички цели и хиперсонични летечки објекти се развива семејството ракети 77Н6. Овие ракети треба да ги заменат постарите модели 9М82 кои се наоѓаат во вооружувањето на системот С-300В.

Се смета дека „Прометеј“ ќе може да оствари ефективен хоризонтален дострел и до 600 км, додека висината на пресретнување на воздушните цели ќе биде драматично зголемена во споредба со претходникот С-400. Имено, новите типови ракети ќе овозможат борба со непријателските цели кои се наоѓаат во поблиската вселена. Новите можности на системот С-500 „Прометеј“ не ја исклучуваат можноста за соборување извидувачки сателити кои се движат во ниската орбита на Земјата.

Според првиот човек на државната корпорација „Ростех“ Сергеј Чемезов, фабричките испитувања на ПВО/ПРО-системот С-500 „Прометеј“ се завршени и веќе годинава првите дивизиони со ова, судејќи според сé, супериорно оружје може да влезат во вооружувањето на руската армија. Некои извори тврдат дека перспективниот противвоздухопловен и противракетен систем С-500 „Прометеј“ ќе се произведува во две варијанти - мобилна (самоодна) и влечна.

Во секој случај, се работи за еден од најенигматичните проекти на руската воена индустрија. Неговите официјални тактичко-технички карактеристики сè уште не се објавени никаде и секоја приказна за неговите основни показатели (дострелот на ракетите во далечина и висина, карактеристиките на радарско-набљудувачките и нишанските радари и сл.) сè уште претставува обична шпекулација.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња