Русија претстави нова противтенковска ракета за борбени хеликоптери и дронови од нова генерација

Виталиј Тимкив/Sputnik
Ракетата ќе може да уништува и најмодерни тенкови на бојното поле, станувајќи едно од најпрецизните оружја во арсеналот на руската војска.

Концернот „Калашников“ ја претстави својата нова противтенковска ракета „Виор-1“ на Меѓународниот военотехнички саем „Армија 2021“, што се одржа во близина на Москва кон крајот на август.

Проектилот треба да ги елиминира можностите на најсовремените тенковски заштити, што го прави совршено оружје за елиминација на оклопни возила во идните војни на XXI век.

Самата „Виор-1“ претставува надградена верзија на противтенковските ракети што моментално се достапни во Русија. Инженерите на едно од претпријатијата на „Калашников“, специјализирано за создавање муниција за хеликоптери, ја споредуваат со нејзиниот директен пандан – ракетата „Атака“, велејќи дека „Виор-1“ има зголемена огнена моќ и дострел во споредба со останатите противтенковски ракети на рускиот пазар. Новата ракета има дострел од 10 километри (речиси двојно поголем од оној на „Атака“) и е дизајнирана да може да ја пробие дури и активната заштита на американскиот „Абрамс“.

Наведувана ракета 9-А-4172К „Виор-1“

„Тоа е можно благодарение на двете боеви глави сместени во една ракета. Ракетата експлодира двапати - првиот пат боевата глава ги уништува активните горни слоеви на заштитата, а втората боева глава експлодира милисекунди по првата и ја согорува металната внатрешност на машината“, изјави за Russia Beyond Алексеј Рам, воен аналитичар во весникот„ Известија “.

Оружјето може да пробие тенковски оклоп од 150 мм и да ги елиминира дури и најмодерните и најнапредни машини на пазарот на оружје.

Како ќе се применува „Виор-1“

Наведувана ракета 9-А-4172К „Виор-1“

Овие ракети се наменети за борбени хеликоптери и новоразвиени беспилотни летала. Руската армија ги тестираше на борбени хеликоптери Ка-52 и создаде специјална модификација на „Виор-1“ за серискиот Ми-28. Муницијата ќе се користи и за дронови, но сé уште не е познато имено кои беспилотни летала ќе ја имаат во својот арсенал. Конструкторите не откриваат детали за тестирањата, бидејќи во моментов се тајни.

„Не станува збор за тоа дали оваа ракета е подобра или полоша од нејзините странски пандани, туку за тоа дека драстично ги зголемува перформансите на нашите борбени хеликоптери. Нашите претходни противтенковски гранати не беа наведувани и можеа да ги промашат целите... Сега „нашата летачка коњаница“ располага со средства за прецизна елиминација на борбени тенкови со евтини ракети“, истакна Рам.

Руските борбени хеликоптери сега ќе можат да лебдат во воздух зад дрвја или планински ридови, да ги исчекуваат непријателските единици и дури потоа да се кренат во височина и да го погодат непријателот со прецизните ракети, а потоа да одлетаат на сигурно.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња