Водечки руски експерт за радари откри на кој начин може да се откријат американските ловци F-35

Слободан Ѓукиќ
Разговорот се водеше со генералниот директор на концернот „РТИ системи“ Јуриј Аношко. Овој концерн со своите високософистицирани производи учествува на Меѓународниот военотехнички саем „Армија 2021“. На заинтересираните новинари тој им откри некои детали кога станува збор за видот на радарско-набљудувачката станица со која е можно на огромни далечини да се откријат авиони со „стелт“ карактеристики.

Рускиот задхоризонтален радарски комплекс „Контејнер“ е во состојба да открие ловци со мала радарски рефлексија како американскиот F-35, како и други летала направени по „стелт“ технологија врз основа на емисијата на електромагнетните бранови со одредена должина, се наведува во интервјуто што го објави веб-порталот РИА „Новости“ со генералниот директор на концернот „РТИ системи“ Јуриј Аношко.

„Според тоа, врз основа на податоците од отворените извори за информирање кои редовно објавуваа информации за преместување на ловците F-35, можеме со голема веројатност да кажеме дека ги откривме и ги следевме“, рече генералниот директор на концернот „РТИ Системи“.

Аношко објасни дека задхоризонталната радарско-набљудувачка станица работи во опсег на таканаречени кратки бранови, иако нивната должина се движи од десет па и стотина метри. Во тој случај, ефектите што се постигнуваат со заштитни премази кои апсорбираат електромагнетни бранови, како и разните форми во геометријата на леталото, ја губат својата функција и стануваат видливи.

„Значи, кога станува збор за потрага со задхоризонтален тип на радарско-набљудувачки радар, примената на „стелт“ технологијата не е пречка за детекција на летачки објекти“, објасни Аношко.

Според Аношко, стелт-технологијата овозможува намалување на веројатноста за откривање на леталото во одреден опсег на бранови должини, и по правило таа е ориентирана кон брановите должини што ги емитуваат радарите вградени во авионите-ловци, или кои се наоѓаат како дел од ракетните системи за противвоздухопловна одбрана. Радарите што се наоѓаат во опремата на модерните авиони-ловци најчесто работат во дијапазон на електромагнетни бранови чија должина се мери во сантиметри.

Задхоризонталниот радарско-набљудувачки комплекс „Контејнер“ е специјализиран за откривање и фиксирање на аеродинамични објекти, како на пр. авиони-ловци или крстосувачки ракети. Принципот на неговата работа е многу едноставен. Радарските антени на комплексот „Контејнер“ емитираат под одреден агол електромагнетни бранови кои се одбиваат од слојот на јоносферата и се рефлектираат зад хоризонтот на растојанија од неколку илјади километри. Овие бранови потоа се враќаат на ист начин назад до истите антени и ги прикажуваат своите резултати на дисплејот на операторот кој управува со комплексот. При испитувањето на првиот комплекс „Контејнер“, инсталиран во близина на населеното место Ковилкино, јужно од Нижни Новгород, операторите кои работеа со него како на дланка ја гледаа комплетната воздушна ситуација речиси над цела Западна Европа.

Во моментов руската армија формираше единствено радарско поле кое ги покрива практично сите ракетни коридори што влегуваат во воздушниот простор на Руската Федерација. Се работи за систем за рано предупредување против напади на балистички ракети од различен вид и дострел. Главниот елемент на овој сложен систем се модерните радарски станици со екстремен опсег „Воронеж“.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња