Шојгу за новите достигнувања: Од јуришни роботи до најнова експрес-лабораторија

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу присуствува на церемонијата на отворање на Меѓународниот военотехнички форум „Армија-2021“ во конгресно-изложбениот центар Патриот во Московската област, Русија, 23 август 2021 година.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу присуствува на церемонијата на отворање на Меѓународниот военотехнички форум „Армија-2021“ во конгресно-изложбениот центар Патриот во Московската област, Русија, 23 август 2021 година.

Sputnik/Рамиљ Ситдиков/Kremlin via REUTERS
На воената изложба „Армија 2021“ рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу зборуваше за најновите достигнувања на руската воена индустрија.

Во интервју со Јуриј Поткопаев, водител на програмата „Служам на Русија“ на телевизијата „Ѕвезда“, министерот за одбрана на РФ истакна дека новитетите на руската воена индустрија не треба да се гледаат само во контекст на нивна промоција и пласман на меѓународниот пазар, бидејќи овие производи служат пред сé за одбрана на земјата.

Меѓу другото, рускиот министер за одбрана истакна дека на Меѓународниот военотехнички форум „Армија 2021“ се дефинира воената перспектива на многу експонати на изложбата. Истовремено тој раскажа што се променило во изминатата година и за кои достигнувања на руската воена индустрија уште сега може да се зборува со гордост.

„Практично сите конструкторски бироа и претпријатија, без никакви исклучоци, ги зедоа предвид нашите забелешки од минатата изложба. Целосно ги исправивме и ги решивме проблемите што се манифестираа во Сирија. За нас тешко прашање беше дострелот на оружјето на армиската авијација, на хеликоптерите. За жал, во однос на висината и близината, тие беа во дострелот на преносните противвоздушни ракетни системи на ПВО. Беше потребно да се зголеми дистанцата и денес таа е практично удвоена“, истакна Шојгу.

Истото важи и за производство на беспилотни летала. Потребата за таков вид вооружување стана особено акутна на почетокот на антитерористичката операција во Сирија.

„Кога ја започнавме кампањата во Сирија, имавме повремено тешки ситуации. Ни требаа јуришни дронови. Денес можеме да кажеме дека ги имаме и тоа искуство е вредно за внимание“, рече министерот.

Тој, исто така, нагласи дека новитетите на руската воена индустрија не треба да се гледаат само од аспект на нивна промоција и пласман на меѓународниот пазар на оружје. Тие производи се создаваат првенствено за одбрана на земјата, и во таа насока се прави сé што е можно, меѓу другото, и во сферата на роботиката, објасни Шојгу.

„Роботите-деминери беа почеток. Истовремено се работеше на јуришни роботи. Мислам дека на маневрите „Запад 2021“ ќе видите мошне голем број на такви роботи. Тоа веќе ќе биде редовно производство, десетици јуришни роботи, оружје што дејствува на дистанца од пет километри“, констатира министерот.

Оценувајќи ги современите проекти во областа на медицината, Шојгу укажа и на новата ПЦР лабораторија чија опрема овозможува експресно тестирање за коронавирус.

„Сега со забрзано темпо ќе ја довршиме експрес-лабораторијата која прави ПЦР анализи. Сега треба да го завршиме тестирањето, а потоа ќе ја купиме и ќе ја пуштиме во сериско производство“, заклучи рускиот министер за одбрана.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња