ППК-20, автомат на концернот „Калашников“ на изложбата на оружје на Меѓународниот военотехнички форум „Армија 2021“ во воено-патриотскиот парк „Патриот“, Кубинка.
Рамиљ Ситдиков/SputnikКонцернот „Калашников“ кон крајот на август на изложбата на оружје „Армија 2021“ во Подмосковје го претстави својот најнов автомат ППК-20 за воени пилоти.
Станува збор за подобрена верзија на автоматот „Витез-М“ направен за Федералната служба за безбедност. Моделот ППК-20 користи муниција со калибар 9х19 мм, која е идеална за блиска борба внатре во објект, како и за гаѓање цели на растојание од 50 метри на отворено.
Најголемата разлика помеѓу двете верзии е во димензиите, тежината и должината. ППК-20 е помал, полесен и покомпактен. Од друга страна, поради скратената цевка, загуби на прецизност, но наместо тоа доби низа корисни ергономски карактеристики.
Пред сé, тој може да се скрие во наслонот на пилотското седиште или во ранец за вонредни ситуации. Експертите на концернот „Калашников“ сметаат дека ова оружје би било идеално и за припадниците на службите за безбедност кои извршуваат задачи на подрачје на град.
„ППК-20 е мал и компактен. Може да се скрие под капутот или мантилот на припадник на тајната служба кој е на задача во градска средина и во цивилна облека. Според тоа, покрај воената намена, ППК-20 одговара и на сите критериуми на државната безбедност како скриено оружје за заштита на важна личност кога ќе се појави во јавност“, вели Владимир Онокој, раководител на Одделението за военотехничка соработка на концернот „Калашников“.
ППК-20 за пилоти веќе го помина военото тестирање. Компанијата планира во иднина да направи верзии на ова оружје за цивилниот пазар.
ППК-20 тежи 2,5 кг и е долг 41 см. Повеќе од двапати е пократок од стандардниот воен автомат АК-12.
Кај овој модел е искористен новиот кундак од серијата АК кој се преклопува странично и им овозможува на стрелците со различна висина (од 1,60 до 2,15 м) комфорно да ракуваат со него. Кога ќе се склопи кундакот, со оружјето лесно се ракува со една рака.
Автоматот ППК-20 испукува 800 куршуми во минута. Треба да се напомене дека АК-12 испукува само 600 куршуми во минута.
Како што соопштува концернот „Калашников“, ППК-20 пробива панцир со ниво на заштита IIIA ако се користат пробојни куршуми 7Н21 со калибар 9x19 мм.
На горната страна автоматот има „Пикатини“ шина, така што на него може да се прикачат ласери, нишани со црвена точка и други тактички додатоци.
Исто така, има осигурувач од двете страни, за левораки и деснораки стрелци.
Оружјето доаѓа во комплет со придушувач кој лесно се става и симнува. Тој ги неутрализира и звукот и блесокот на истрелот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче