Во Русија се планира заморот на возачите да се контролира врз основа на изгледот на зениците

Guo Yu / Xinhua /Global Look Press
Руското Mинистерство за сообраќај дојде до идеја заморот на руските возачи кои возат камиони, автобуси и такси да го контролира со помош на специјален систем. Овие системи ќе го утврдуваат степенот на замор врз основа на состојбата на зениците или пулсот, пишува „Комерсант“, повикувајќи се на текстот на амандман на законот „За безбедноста на патниот сообраќај“.

Според предложените мерки, возачите во сообраќајот можат да го зголемат максималното време поминато зад воланот, под услов во возилото да е вграден систем кој ја контролира нивната работна способност. Механизмот може да го одреди степенот на замор и да препознае знаци на поспаност користејќи ласерски сензори кои треба да бидат поставени во кабината. Покрај тоа, нараквица на раката на возачот исто така ќе придонесе за проценка на неговата состојба.

Министерството за сообраќај на Русија планира да го воведе новиот систем од 1 март 2023 година. Ќе се користи во работата на над четири милиони руски граѓани. Сообраќајниот ресор смета дека со тоа се создаваат услови што ќе овозможат „индивидуално“ поставување норми за возење за секој возач.

Инаку, врз основа на важечките правила за патен сообраќај, возачот може да помине максимум десет часа дневно зад воланот, а во одредени случаи и до 12 часа. Времето на возење се контролира со тахограф, а казната во случај на пречекорување на времето поминато зад воланот е максимум 2500 рубли (околу 28 евра). Министерството за сообраќај предлага времето поминато зад воланот да може да се продолжи доколку, покрај тахографот, се користи и „средство за контрола на работната способност“.

Претходно беше објавено дека во Русија на возачите со сериозни болести автоматски ќе им се одзема возачката дозвола. Врз основа на измените на законот „За безбедноста на сообраќајот“, руското Министерство за здравство автоматски ќе ги проследува податоците за здравствената состојба на руските граѓани до сообраќајната полиција.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња