Проект „Мегаполис“: Производството на „набилданиот“ Су-57(М) се очекува на почетокот на 2025 година

Модернизираниот повеќенаменски авион-ловец од петтата генерација Су-57(М) ќе добие целосно нова пилотска кабина со напредна авионика. Едно од најважните подобрувања кога станува збор за проектот „Мегаполис“ е опремување на авионот со новата генерација мотори од втората етапа. Леталото ќе има уште помала радарска видливост, а благодарение на промените на конструкциски план, уште подобра управливост и поголема борбена жилавост.

Производството на модернизираната варијанта на повеќенаменскиот авион-ловец од петтата генерација Су-57 (М), чие усвојување се реализира преку опитно-конструкторскиот проект „Мегаполис“, судејќи според сé ќе започне на почетокот на 2025 година. Ова за интернет порталот ТАСС го изјави доброинформиран извор од рускиот воено-индустриски комплекс.

„На модернизираната верзија на ловецот што се развива преку проектот „Мегаполис“ е биде интегрирана во целост нова пилотска кабина (кокпит) со напредна авионика. Покрај тоа, леталото ќе биде опремено со нови мотори од втората етапа. Планирано е од 2025 година Су-57 во модернизирана форма да влезе во сериско производство“, рече соговорникот на овој руски медиум.

Тој исто така додаде дека модернизираниот повеќенаменски авион-ловец од петтата генерација Су-57 ќе биде конципиран како летало со еден член на екипажот. Новинската агенција ТАСС не доби официјална потврда за оваа информација од развојната компанија на производителот.

Неодамна оваа новинска агенција објави дека се развива и двосед-варијанта на повеќенаменскиот авион-ловец од петтата генерација Су-57, која ќе биде специјализирана за содејство со ударните беспилотни летала С-70 „Охотник“. Со помош на напреден интерфејс за команда и контрола, пилотот-оператор ќе може да ги управува со овие летала.

Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација, развиен од воздухопловните инженери на ОКБ „Сухој“. Наменет е за извршување широк спектар на задачи кои можат да се постават пред една воздухопловна борбена платформа, како што е постигнување апсолутна воздушна надмоќ над територијата на која се изведуваат активни борбени дејствија, уништување најразлични копнени цели и површински бродови засилени со модерни противвоздухопловни средства, операции за извидување и надзор на воздушниот простор на големи растојанија, уништување на командната инфраструктура на непријателот итн.

Во план е до крајот на 2024 година руските Воздушно-космички сили да усвојат 22 апарати Су-57, со проекција до крајот на 2028 година нивниот број да нарасне на 76 оперативни единици. Првиот авион од овој тип влезе во единиците на ВКС на РФ минатата година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња