Русија тестира исклучување на Интернетот од глобалната мрежа. Што се случува?

The Wachowskis/Warner Bros., 1999.
Од 2019 година во различни градови на Русија се тестира исклучување на рускиот сегмент од Интернетот од глобалната мрежа. Најчесто ова тестирање се извршува така што корисниците ништо не забележуваат, а јавноста се известува за тоа дури по завршувањето на „маневарот“. Тука објаснуваме како Русија се подготвува за живот со „суверениот Интернет“ и по што новиот систем се разликува од кинескиот фајрвол.

За каква вежба станува збор и што всушност се тестира?

Од 15 јуни до 15 јули 2021 година во Русија повторно се изведуваа маневри во кои се вежбаше безбедносната работа на Рунет (рускиот сегмент на Интернет), соопшти весникот РБК, повикувајќи се на материјали од работната група „Информативна безбедност“ при автономната некомерцијална организација „Дигитална економија“

Бесплатно Ви-Фи за патниците на московското метро.

Во тестирањето учествуваа сите поголеми руски телекомуникациски оператори (МТС, Tele2, Билајн, Мегафон, а исто така и „Ростелеком“, „Транстелеком“ и „РР-Телеком Холдинг“). Според извор кој е запознаен со ситуацијата, се проверувало дали може Рунетот да функционира доколку биде нападнат и блокиран од страна на други држави. Еден извор соопштува дека била „тестирана можноста за физичко исклучување на рускиот дел од Интернетот“.

Ова не беа први маневри. Претходно беше отворена вежба изведена во декември 2019 година во Москва, Ростов, Владимир и во уште неколку градови во Русија. Тогаш операторите и државните органи проверуваа во колкава мера личните податоци на мобилните претплатници се заштитени од надворешна опасност, дали е можно да се хакира протокот и СМС, и да се дознае геолокацијата на корисникот, а исто така се проверувала и заштитеноста на комуникациските мрежи и на ај-ти опремата на големите енергетски и финансиски компании од хакирање.

„Вежбата покажа дека во целина органите на власта и телекомуникациските оператори се подготвени ефикасно да реагираат на новите ризици и закани, и да обезбедат стабилно функционирање на Интернетот и на телекомуникациските мрежи на територијата на Русија“, изјави тогаш Алексеј Соколов, заменик-министер за дигитален развој, телекомуникации и масовни медиуми.

Планирано беше тестирање да се изведе и во 2020 година, но тоа беше одложено поради пандемијата со коронавирусот.

Зошто е потребно да се откачи Русија од глобалниот Интернет?

Во октомври 2017 година, по три големи хакерски напади кои ја загрозија Русија и низа други земји, рускиот претседател Владимир Путин на седница на Советот за безбедност на РФ рече дека треба да се подигне нивото на безбедност на Рунетот.

„Надворешните напади на електронските системи во сферата на одбраната и на државната управа која обезбедува виталност на инфраструктурата и на финансиите, како и кражбата на електронски документи, можат да имаат мошне тешки последици. <...> Треба да се подигне безбедноста и стабилноста на работата на инфраструктурата на рускиот Интернет“, изјави претседателот Путин.

Една година подоцна, во декември 2018 година, група сенатори во Советот на Федерацијата (горниот дом на рускиот парламент) и пратеници на Државната дума (долниот дом) поднесе нацрт-закон за автономно функционирање на Рунетот, кој потоа беше споменуван како „закон за заштита на Рунетот“ и закон за изолација на Рунетот“. Во кусото објаснување на овој документ, беше соопштено дека нацрт-законот е подготвен со оглед на обвинувањата на Русија за хакерски напади и на „Стратегијата за национална кибербезбедност на САД“, која беше усвоена во Америка во септември 2018 година, а каде оваа земја, според мислењето на сенаторите, се прокламира принципот на „зачувување на мирот со примена на сила“.

Суштината на законот се состои во создавање на сопствена инфраструктура која ќе му овозможи на рускиот сегмент од Интернетот да го продолжи своето функционирање дури и ако Русија биде откачена од глобалните сервери.

Покрај тоа, според овој закон „Роскомнадзор“ (руската Федерална служба за надзор во сферата на комуникациите, информациските технологии и средствата за јавно информирање) и операторите ќе го контролираат протокот на податоците што ги разменуваат руските корисници и доколку е потребно нема да ги проследуваат во странство и ќе го исклучат тој проток доколку некој се обиде да влезе на сајтовите што содржат забранети содржини.

Една од точките на законот предвидува годишна вежба што треба да ја изведуваат надлежните органи на власта и телекомуникациските оператори.

Учесници на протестот во организација на Либералната партија. Државната дума на 12 февруари во прво читање го усвои нацрт-законот за комплексот организациски, административни и технички мерки за заштита и одржлива работа на Интернет-мрежата во Русија.

Пред да биде потпишан, нацртот на овој закон во повеќе наврати беше критикуван. Пред сè го критикуваа операторите и големите ај-ти компании. Според нивните претставници, исполнувањето на барањата пропишани со законот може да предизвика прекини во функционирањето на комуникациите и на Интернетот. Го критикуваше и меѓународната организација „Репортери без граници“. Нејзините претставници изјавија дека законот ќе овозможи блокирање на протокот на кои било податоци по желба на руските власти.

Нацрт-законот го критикуваа дури и владините експерти, зашто според нив заканите кои се опишани во документот не претставуваат реална опасност. Сепак, веќе во мај 2019 година Владимир Путин го потпиша усвоениот закон, и тој стапи на сила на 1 ноември истата година.

„Поголемиот дел сервери се наоѓаат во странство <…> и доколку теориски се претпостави дека серверите ќе бидат исклучени или дека некој ќе влијае врз нивната работа, тогаш ние во секој, па и во таков случај мораме да обезбедиме сигурно функционирање на Рунетот, односно на рускиот сегмент на Интернетот. Кон тоа е всушност насочен законот. Само кон тоа. Не се планирани никакви ограничувања“, им одговори во јуни 2019 година Владимир Путин на критичарите на овој закон.

Како ќе функционира „суверениот Рунет“?

Сите оператори поставуваат специјална опрема која ќе овозможи непрекинат проток на податоците во Русија доколку биде потребно Руската Федерација да се откачи од глобалниот Интернет.

„Роскомнадзор’ прави центар за мониторинг и управување во кој ќе ја контролира работата на оваа опрема и ќе ги следи можностите од појавување надворешна закана.

Доколку се обидат да ја исклучат Русија од серверот и да ја нарушат работата на мобилната мрежа на обичните граѓани или да оневозможат пристап до Интернет, доколку започнат хакерски напади на критично важни објекти од ај-ти инфраструктурата, „Роскомнадзор“ ќе го преземе управувањето со внатрешниот проток на податоци.

Протокот ќе биде контролиран со помош на специјални „точки за размена на протокот“, се објаснува на сајтот на Државната дума. Тоа се физички простории со мрежни прекинувачи каде ќе се спојуваат мрежите на големите компании, на Интернет-провајдерите, на хостинг-провајдерите и на други, и таму ќе се врши размена со внатрешен проток.

Покрај тоа, „Роскомнадзор“ ќе може самостојно да блокира сајтови кои се забранети во Русија, без обраќање до операторите и до провајдерите (денес тие ја вршат таа работа на барање на „Роскомнадзор“). На сајтот на Државната дума е нагласено дека законот не е донесен за блокирање на социјалните мрежи и на видео-хостинзите како што се Твитер, Јутјуб и Фејсбук, но не се објаснува како може да се зачува функционирањето на истите доколку дојде до исклучување од глобалниот Интернет.

Згора на тоа „Роскомнадзор“ во март 2021 година веќе ја забави работата на Твитер поради тоа што оваа социјална мрежа не ги отстрануваше забранетите содржини. Според податоците на списанието РБК „Роскомнадзор“ го има направено ова со помош на истата онаа опрема која е поставена со цел да се исполни законот за “суверен Рунет“. Во мај 2021 година споменатите ограничувања на Твитер беа делумно укинати.

Русија е веќе технолошки подготвена за исклучување од глобалната мрежа, изјави во февруари 2021 година заменик-претседателот на Советот за безбедност на РФ Дмитриј Медведев. Од друга страна, според мобилните оператори, во март 2021 година опремата веќе започна да прави системски грешки, така што мора привремено да се исклучува за состојбата да се нормализира. Покрај тоа, Министерството за дигитален развој, комуникации и масовни медиуми периодични поставува нови и нови барања поврзани со модернизацијата на опремата, што исто така може да придонесе до полош квалитет на врската, изјавија претставници на МТС.

Овие барања мораат да се исполнуваат зашто штом операторот од првпат не го направи тоа, ќе мора да плати казна од еден милион рубли (13.600 американски долари), а ако тоа се повтори казната изнесува три милиони рубли (40.000 американски долари).

Со други зборови, Интернетот во Русија ќе биде затворен исто како во Кина?

Не, но дури ни тоа не е добра вест.

Главната разлика помеѓу рускиот „суверен Рунет“ и кинескиот фајрвол се состои во архитектурата, објаснува извршниот директор на невладината организација „Друштво за заштита на Интернетот“ Михаил Климарев во статија објавена на порталот Znak.com.

Во Русија системите за филтрирање и за управување со протокот се поставуваат во простории на телекомуникациските оператори, а во Кина на државната граница. Во Кина не работи Фејсбук, а исто така и другите популарни социјални мрежи, но доколку на Кинезите им се расипе системот на филтрирање на протокот, Интернетот сепак ќе им функционира. Русија во таков случај ќе се соочи со откажување на системот ширум земјата.

„Исклучувањето на Гугл ќе изгасне 30% од сите руски сајтови. На економијата ќе ѝ биде зададен удар, но не таму кадешто очекуваме. Во таква ситуација сенешто може да се изгасне. Дали тоа ќе биде медицинскиот систем или системот за управување со гасоводите – тоа сега не може да се предвиди.

Истото мислење го изнесува и заменик-претседавачот на Советот за безбедност на РФ Дмитриј Медведев. Доколку Рунет биде автономен, тој ќе создаде големи проблеми, рече тој во февруари 2021 година.

„Ќе биде потребно определено време за повторно да го воспоставиме неговото функционирање. Но, извесно е дека автономноста на функционирањето на рускиот сегмент на Интернетот може да се регенерира или да се создаде“, рече Медведев и нагласи дека тоа „не е едноставно, многу е подобро ќе биде доколку тоа не мора да се прави“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња