Запознајте го советскиот „Киклоп“ на три тркала, направен за инвалидите од Втората светска војна

RomBOX
Беше предвидено овој автомобил да им помогне на хероите кои од здобиените повреди станаа инвалиди, но возилото беше многу тешко за управување.

Во Втората светска војна беа демобилизирани четири милиони војници, од кои два и пол милиони беа инвалиди, а меѓу нив околу половина милион останаа без раце и нозе.

Авто-мотоциклистичко возило

Многу учесници во војната, кои на фронтовите се жртвуваа за татковината, подоцна имаа проблеми со движењето, бидејќи инфраструктурата во Советскиот Сојуз не беше градена со цел да им се олесни животот на инвалидите што е можно повеќе. Во отсуство на уреден простор без физички пречки на поранешните воини им беше потребно транспортно средство со кое лесно се управува, дури и ако возачот е инвалид и нема екстремитети.

На почетокот на 1950-тите фабриката за машини во Серпухов (Московска област) направи автомобил на три тркала за возачи-инвалиди. Возилото имаше само еден кружен фар и затоа го доби називот „Киклоп“, а исто така и „Инвалидка“.

СМЗ-С1Л „Киклоп“

При дизајнирањето на овој автомобил не се водеше сметка за естетиката. Автомобилот имаше мала каросерија, две задни тркала и едно предно. Изгледаше малку тромаво бидејќи имаше само еден фар и церада наместо обична метална врата и покрив.

Наместо класичен волан, имаше монтиран волан од мотоцикл за да можат да го управуваат луѓе што немаат нозе. Дополнителни модификации беа направени и за оние кои немаа само десна или само лева рака.

Овие возила беа смешни, но нивните сопственици уживаа почит затоа што се знаеше дека тоа се инвалиди од Втората светска војна кои го жртвуваа своето здравје бранејќи ја земјата од нацистите.

Производството на овие автомобили не беше скапо, но затоа управувањето беше отежнато. Автомобилот често се превртуваше во свиоци на страна, бидејќи предното тркало не беше доволно стабилно, особено при поостро свртување.

„Кога бев момче, мојот сосед имаше таков автомобил. Се сеќавам дека неколку пати го туркавме да запали. Го кревавме неколку пати кога се преврте. Сопственикот беше инвалид, прилично крупен човек, па можеби токму затоа автомобилот се превртуваше секогаш кога задните тркала ќе наидеа на дупка на патот“, раскажува еден интернет-корисник.

Покрај проблемите со балансот, првата верзија имаше и слаб мотор, така што автомобилот можеше да развие брзина од само 30 км/час. Тоа значи дека секоја угорнина му „паѓаше тешко“.

Автомобилот беше модернизиран 1956 година и таа верзија доби посилен мотор, па возилото стана побрзо и подинамично.

Производството на „Киклоп“ беше запрено 1958 година. За шест години беа произведени вкупно 20000 автомобили. Тоа е релативно мала бројка, така што денес е тешко да се најде целосен примерок на овој модел, иако од време на време на пазарот се појавува обновена верзија.

Прочитајте повеќе: Шест извонредни советски моторни возила за лица со инвалидитет

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња