Русија на саемот на воздухопловство МАКС-2021 потпиша извозни договори во вредност од милијарда евра

Алексей Майшев/Sputnik
Руската државна компанија специјализирана за извоз и увоз на стока за воена и двојна намена „Рособоронекспорт“ (дел од корпорацијата „Ростех“) потпиша на саемот на воздухопловство МАКС-2021 тринаесет извозни договори за испорака на производи од одбранбената индустрија во вредност од една милијарда евра.

Ова го соопшти генералниот директор на компанијата Александар Михеев.

„Компанијата „Рособоронекспорт“ максимално ги искористи можностите на саемот, потпишувајќи на неговите маргини 13 извозни договори за испорака на руски производи за воена намена во вредност од над милијарда евра. Меѓу нарачките на компанијата се наоѓаат авиони Су-30СМ, хеликоптери Ми-35М и Ми-17В5, радари „Противник-ГЕ“, противвоздушни ракетни системи „Врба“, како и современи воздухопловни убојни средства и низа модели на оклопна и автомобилска техника“, рече Михеев.

Според него, „Рособоронекспорт“ во текот на саемот одржал презентации на главните модели на авиони, хеликоптери, средства за воздушно и електронско војување за над 30 делегации од 20 земји. „Во текот на преговорите на саемот МАКС-2021 странските партнери на компанијата покажаа интерес за набавка на ловци МиГ-35Д и Су-30СМЭ, воени транспортни авион Ил-76МД-90А(Э), воени транспортни авиони-танкери Ил-78МК-90А, борбени хеликоптери Ми-28НЭ, Ка-52, воени транспортни Ми-171Ш и повеќенаменски Ка-226Т, како и средства за ПВО, вклучително и противвоздушни ракетно-топовски системи „Панцир-С1ˮ, соопшти Михеев.

Директорот на „Рособоронекспорт“ додаде дека компанијата во рамките на преговорите на маргините на саемот со купувачи од азиско-тихоокеанскиот регион, од Блискиот исток, од Африка и Заедницата на независни држави ги разгледала прашањата за индустриско партнерство во сферата на заедничко производство и производство врз основа на лиценца на руски борбени авиони и хеликоптери, како и прашањето за модернизација на претходно испорачаната воздухопловна техника.

Како што истакна Михеев, партнерите на „Рособоронекспорт“ покажале интерес за најновиот лесен тактички авион „Checkmate“ (Шахмат), кој „Ростех“ го претстави за прв пат на МАКС-2021. „Клиентите имаа можност да го видат во живо, па дури и да седат во пилотската кабина. Високо ги оценија неговите карактеристики“, заклучи директорот на „Рособоронекспорт“.

Претходно Михеев изјави дека „Рособоронекспорт“ одржува консултации со пет земји заинтересирани за набавка на рускиот повеќенаменски ловец од петтата генерација Су-57.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња