Ракетните екипажи на системите С-500 „Прометеј“ притоа гаѓаа цел која имитираше балистичка ракета и која се движеше со голема брзина. Ракетниот систем ги демонстрираше сите тактичко-технички карактеристики што ги соопшти производителот, како и висока сигурност при реализацијата на гаѓањето. Целта беше успешно пресретната и неутрализирана.
По завршувањето на комплетниот процес на тестирање, се очекува испорака на првиот оперативен комплет (веројатно дивизион) ракетни системи С-500 „Прометеј“, кои ќе влезат во системот за ПРО/ПВО на одбраната на главниот град Москва.
Рускиот претседател Владимир Путин на 28 јуни оваа година изјави дека интерконтиненталните балистички ракети „Сармат“, хиперсоничните оперативно-тактички „Циркон“ и новиот ПВО/ПРО систем С-500 „Прометеј“ наскоро ќе влезат во вооружувањето на руската армија.
Покрај тоа, на почетокот на јуни тој соопшти дека ПВО/ПРО-системите С-500 „Прометеј“ ќе бидат вооружени со нови ракети-пресретнувачи. Се работи за специјални типови проектили кои се способни да пресретнат и уништат боеви глави на интерконтинентални балистички ракети. Комплетниот развој на овој систем, кој ќе има способност за уништување на сите видови аеродинамички и балистички цели (вклучително и оние што летаат со хиперсонична брзина) треба да заврши до крајот на оваа година.
ПВО/ПРО С-500 „Прометеј“ ќе може да се бори против комплетниот спектар воздушно оружје, вклучувајќи хиперсонични летечки објекти и боеви блокови на интерконтинентални балистички ракети. Основната „противавионска“ ракета што ќе ја применува системот С-500 ќе биде 40Н6. Таа ќе може да соборува цели на далечини и до 400 км. Оваа ракета веќе се наоѓа во вооружувањето на системот С-400 како негово топ-оружје. За пресретнување на балистички цели и хиперсонични летечки објекти се развива семејството ракети 77Н6. Овие ракети треба да ги заменат постарите модели 9М82 кои се наоѓаат во вооружувањето на системот С-300В.
Се смета дека „Прометеј“ ќе може да оствари ефективен хоризонтален дострел и до 600 км, додека висината на пресретнување на воздушните цели ќе биде драматично зголемена во споредба со претходникот С-400. Имено, новите типови ракети ќе овозможат борба со непријателските цели кои се наоѓаат во поблиската вселена. Новите можности на системот С-500 „Прометеј“ не ја исклучуваат можноста за соборување извидувачки сателити кои се движат во ниската орбита на Земјата.
Според првиот човек на државната корпорација „Ростех“ Сергеј Чемезов, фабричките испитувања на ПВО/ПРО-системот С-500 „Прометеј“ се завршени и веќе годинава првите дивизиони со ова, судејќи според сé, супериорно оружје може да влезат во вооружувањето на руската армија. Некои извори тврдат дека перспективниот противвоздухопловен и противракетен систем С-500 „Прометеј“ ќе се произведува во две варијанти - мобилна (самоодна) и влечна.
Во секој случај, се работи за еден од најенигматичните проекти на руската воена индустрија. Неговите официјални тактичко-технички карактеристики сè уште не се објавени никаде и секоја приказна за неговите основни показатели (дострелот на ракетите во далечина и висина, карактеристиките на радарско-набљудувачките и нишанските радари и сл.) сè уште претставува обична шпекулација.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче