МАКС-2021: Руските специјалисти ќе претстават нови системи за врска за Су-57 и Су-35С

Руските специјалисти на претстојниот авиокосмички саем МАКС-2021 ќе претстават гама нови комуникациски системи за потребите за опремување на борбени авиони и хеликоптери од различни класификации. Посетителите ќе можат да ги видат новитетите кои се имплементирани кај модернизираните и новите борбени авиони (Су-57, Су-30СМ, Су-27, Су-34, Су-35С), воено-транспортната авијација и стратешките бомбардери Ту-95 и Ту-160.

Рускиот холдинг „Роселектроника“ (дел од државната корпорација „Ростех“) на претстојниот Меѓународен авиокосмички саем МАКС-2021 ќе претстави нови комуникациски системи за борбени авиони.

„На гостите на саемот ќе им бидат презентирани нови системи за врска развиени за авиони и хеликоптери. Овие системи обезбедуваат висок пренос на податоци, нивна размена, висок степен во крипто-заштита на податоци и отпорност на електронски пречки, како и комплекси за врска направени на модуларна основа“, изјавија од информативната служба на холдингот, пренесува веб-порталот РИА „Новости“.

Конкретно, специјализираната компанија „Полет“, која е составен дел на холдингот „Роселектронија“, ќе го претстави комплексот на средства за врска С-111 кој се наоѓа во опремата на повеќенаменскиот ловец од петта генерација Су-57. Во развојот на овој комплекс руските специјалисти користеа нови технологии кои обезбедија високи перформанси во однос на капацитетот на пренос на податоците, како и напредните функции што ги има овој комплекс. Покрај комплексот на средства за врска С-111, специјалистите на холдингот ќе претстават и новитети наменети за опремување на повеќенаменските ловци од генерацијата 4++ Су-35С.

Компанијата НПП „Полет“ исто така ќе го претстави и интегрираниот систем за размена на информации, навигација и идентификација (ОСНОД). Во овој момент терминалниот комплекс ОСНОД е вграден во борбените летала Су-57 и Су-30СМ, модернизираните верзии на авионите Су-27, Су-34 и Су-35С, вклучувајќи ги и моделите за извоз Су-35. Со овој комплекс, исто така, се опремени и модернизираните воено-транспортни авиони Ил-76, перспективниот Ил-112В, како и стратешките бомбардери Ту-160 и Ту-95. Освен во авиони, овој систем може да се инсталира и во копнени платформи (командни пунктови и комуникациски јазли).

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња