Посебно е интересна фотографијата на рускиот ловец Су-35С кој има на своите носачи цел „сноп“ ракети од класата „воздух-воздух“ Р-77 (РВВ-АЕ), кои спаѓаат во категоријата воздухопловно вооружување со среден дострел. Како што може да се види, се работи за летало со евиденциски број „22 “Црвен“.
Оваа ракета е развиена од познатата руска компанија „Вимпел“ и спаѓа во најсовремените ракети од овој тип во светот. Нејзиниот максимален дострел достигнува и над 110 км (РВВ-СД), а на крајот од својата траекторија се наведува со помош на глава со активно радарско самонаведување. Нејзината уникатна конструкција, со препознатливите решеткасти стабилизатори, ѝ дава исклучителна енергетско-кинетичка и аеродинамичка способност за ефикасна борба против исклучително маневрирачки цели. Максималната брзина на ракетата е околу 4 Мах (4250 км/ч).
За неа нема ограничувања во употребата, без оглед на периодот на денот (ден/ноќ), сложените метеоролошки услови, активното попречување од непријателски противелектронски средства. Веројатноста за уништување на целта на максималните растојанија проектирани за оваа ракета изнесува 0,6-0,7. Значи, со лансирани две ракети погодокот би бил неизбежен, а целта уништена.
Покрај ракетите со среден дострел, тука можеле да се видат и ракети Р-73. Овие ракети ги носел ловецот-бомбардер Су-34, додека на другите носачи се наоѓале воздухопловни бомби. Ракетата Р-73 спаѓа во ракетите со краток дострел, означена според НАТО кодификацијата како AA-11 „Archer“ - „Стрелец“. Нејзината основна функција е борба против агилни воздушни цели во услови на близок воздушен бој. Се одликува со исклучително широк агол на зафат, суперманеварбилност и принцип „испукај и заборави“. Конструирана е според аеродинамичната концепција „патка“. Ја движи едностепен мотор на цврсто гориво. Се наведува на целта со помош на пасивна инфрацрвена самонаведувана боева глава која е многу отпорна на пречки. Оваа глава е толку чувствителна што може да ја зафати целта на далечина од неколку десетици километри. Ефективниот дострел на ракетата Р-73М е до 40 км. Ја уништува целта со високо-експлозивна шипкаста боева глава со тежина од 8 кг, која ја расечува на два или повеќе делови. Може да користи различни типови запалки – од радарска близинска до оптичка.
Ракетата според своите димензии е многу компактна. Нејзината должина е околу 2900 мм, со максимален распон на крилата од 510 мм. Нејзиниот калибар е 170 мм. Ефикасна е против воздушни цели што летаат со брзина до 2500 км/ч, и кои истовремено маневрираат под оптоварување од 12 G. Ракетата е способна при лет да издржи оптоварување и до 40 G.
Двете летала имале контејнери во кои се сместени системи за електронско војување „Хибини“, кои се наоѓаат на врвовите на крилата, со карактеристичен облик на ракета. Овој систем целосно го деформира сигналот што непријателскиот радар од земјата или од авион го насочува кон леталото. Последиците од таа операција за изворот на радиосигналот можат да бидат крајно фатални: од деформација на сигналот до негова целосна блокада, со што радарски наведуваните ракети стануваат збунети и слепи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче