Перспективниот борбен авион, чија презентација е закажана за првиот ден на Меѓународниот авиокосмички саем МАКС-2021, може да стане сериозна конкуренција на американскиот повеќенаменски ловец од петтата генерација F-35. Вакво мислење изнесе пред руските новинари извршниот директор на филијалата на агенцијата „Авиапорт“ Олег Пантелеев, пренесува новинската агенција ТАСС.
Според него, комплетната најава на оваа демонстрација укажува на тоа дека станува збор за авион што ќе влезе во отворена конфронтација со американскиот ловец од петтата генерација F-35 кога станува збор за борба на меѓународниот пазар на оружје и современа воена техника. „Убеден сум дека демонстрацијата на новото летало на МАКС-2021 ќе биде вистинска медиумска бомба. На тоа укажува и фактот што „Рособоронекспорт“ покани на саемот скоро 120 делегации од 65 земји“, забележува Пантелеев.
Експертот додаде дека нема многу податоци во врска со летечко-техничките карактеристики на новото летало. Она што е познато е дека леталото ќе биде „стелт“ (невидливо) во различни дијапазони на детекција, дека ќе има исклучително поволен сооднос потисок-тежина, голем капацитет за носење убојно вооружувње, како и способност за употреба на најсовремени типови воздухопловно оружје.
„Нема никаков сомнеж дека во оваа деценија Русија ќе успее во тандем да „исфрли“ два перспективни борбени воздухопловни системи: тежок Су-57 и лесен борбен авион дизајниран за решавање на тактички задачи“, рече Олег Пантелеев.
Претходно во вторникот прес-службата на државната корпорација „Ростех“ соопшти дека „Обединетата воздухопловна корпорација“ (ОАК, дел од „Ростех“) на првиот ден од Меѓународниот авио-космички саем во Жуковски ќе претстави фундаментално ново борбено летало од лесна категорија. Беше презентирана и официјалната веб-страница на проектот, каде на полноќ започна одбројувањето до премиерата на леталото што ќе се одржи на 20 јули.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче