Воздухопловниот мотор-демонстратор АПД-500, кој е направен врз база на моторот што се вградува кај луксузното семејство лимузини од класата „Аурус“, е интегриран како основен погон на авионот Јак-18Т. Според информативната служба на компанијата која го разви овој мотор (се работи за Централниот институт за воздухопловни мотори – ЦИАМ) тој ќе биде прикажан на големиот Меѓународен авиосаем МАКС-2021.
„Специјалистите на Централниот институт за воздухопловни мотори - ЦИАМ ја завршија фазата на вградување на клипниот мотор-демонстратор модел АПД-500 на експерименталното летало кое го носи називот Јак-18Т“, нагласија од информативната служба на институтот, пренесува веб-порталот РИА „Новости“. Леталото ќе биде изложено на Меѓународниот авиосаем МАКС-21 на заедничкиот штанд на компаниите кои се наоѓаат во рамките на НИЦ „Институт „Жуковски“.
Моторот-демонстратор АПД-500 од страна на специјалистите на Институтот ЦИАМ е модифициран за експлоатација на воздухопловни платформи со вградување на комплетно нови делови и склопови кои ќе обезбедат ефикасна и безбедна работа на моторот во нови услови. Главните параметри на моторот кои се неопходни за воздухопловна употреба се потврдени со низа тестирања реализирани во експериментални услови. „Првите испитувања на летањето се закажани за втората половина на 2021 година“, напоменуваат од информативната служба на ЦИАМ.
„Развојот на домашниот клипен мотор дава шанса со него да се „опремат“ сите руски летала кои спаѓаат во категоријата „мали авиони“. Тој има широка примена кога станува збор за процесот на масовна замена на застарените мотори на сите овие авиони, како и во проектите за развој на комплетно нови авиони“, изјави генералниот директор на институтот ЦИАМ Михаил Гордин.
Меѓународниот аерокосмички саем МАКС-2021 годинава се одржува од 20 до 25 јули во градот Жуковски, недалеку од Москва. Организатори на оваа манифестација се руското Министерство за одбрана и државната корпорација „Ростех“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче