Во Новосибирск првпат извршена операција за имплантација на керамичка коска

Аљона Калита/Global Look Press
Стручњаците на Новосибирскиот научноистражувачки институт за трауматологија и ортопедија „Ј. Л. Цивјан“ први во Русија почнаа да вршат на човек операција за замена на коска на глуждот со керамичка, изјави за новинарите водечкиот научен соработник на оваа институција, трауматологот-ортопед, доктор на медицински науки Игор Пахомов.

Тој објасни дека првиот пациент бил жителка на Омск, кај која коската на глуждот, која ја пренесува тежината на целото тело врз стапалото, се распаднала поради асептична некроза. Лекарите извршиле стандардна операција за такви случаи во кои стапалото се спојува со потколеницата (артродеза на глуждот), но коските не сраснале. Жената непрекинато чувствувала болка и не можела да оди нормално.

„Бројот на такви пациенти е неисцрпен. Хируршкиот зафат артродеза има свои компликации, а исто така едноставно не ги задоволува нашите пациенти, земајќи ги предвид големите очекувања и развојот на технологиите <…> Ние, со правна поддршка, им ја предложивме оваа операција на нашите пациенти (имплантација на ендопротеза – заб. на уред.). Резултатите беа одлични и решивме да продолжиме со оваа практика“, рече Пахомов.

Тој објасни дека керамичката коска на глуждот е направена за пациентката во соработка со Томскиот завод Mojekeramicimplantate врз основа на современи методи на 3Д-моделирање. Тоа траело еден месец, а операцијата два и пол часа. Четири недели подоцна, жената започнала да оди, а за целосна рехабилитација биле потребни три месеци.

„Со помош на оваа ендопротеза, не само што го зачувавме практично целиот обем на движење, туку ја вративме и формата на стапалото, која беше изгубена затоа што коската на глуждот се сплескала и лигаментите и тетивите се скратиле, нарушувајќи ја функцијата на мускулите. Поставивме анатомски правилен имплант во критично неопходната зона и тој дел од болеста се изгуби“, рече стручњакот.

Од Новосибирскиот научноистражувачки институт за трауматологија и ортопедија истакнуваат дека овој начин на вградување на ендопротеза овозможува брзо и радикално решавање на проблемот, а лицето се враќа во полн живот во најкраток рок. Во иднина новосибирските експерти планираат понатаму да ја развиваат оваа технологија: меѓу другото, тие веќе успешно ја извршија и втората таква операција.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња