Рускиот Су-57 со помош на две ракети ќе го остави американскиот F-35 на земја

MOD Russia/Global Look Press; Public domain
Две хиперсонични ракети на рускиот ловец Су-57 можат да ја задржат на земја целата флота авиони од петтата генерација F-35. Првата, авиоваријантата на Х-47М2 „Кинжал“ може да ги исфрли од функција носачите на авиони и бетонските писти потребни на ловците F-35. Втората, модернизирана варијанта Р-37М од класата „воздух-воздух“ служи, и за гаѓање на авиони-цистерни, кои на F-35 му се потребни уште повеќе. Двете ракети ќе станат дел од вооружувањето на Су-57 до 2025 година, пишува Military Watch.

За постоењето на хиперсоничната „Кинжал“ се дозна на почетокот на 2018 година. Претседателот на Русија Владимир Путин му соопшти на Федералното собрание дека новата ракета веќе се тестира во Јужниот воен округ. Сега носачите на Х-47М2, авионите Миг-31К, стигнаа до Сирија, а ракетата се адаптира за Су-57. Стана покомпактна за да може да се смести во одделот за оружје на авионите од петтата генерација, но својата главна предност, брзината од 10 Мах, недостижна за средствата на ПВО, ракетата не ја изгуби.

Меѓу целите на „Кинжал“ спаѓаат големите бродови (носачи на авиони) и копнени аеродроми на противникот. И едните и другите „Кинжал“ може да ги исфрли од употреба со директен погодок. За американските авиони, кои се исклучително чувствителни на квалитетот на пистата, тоа значи неможност за полетување за извршување на борбени задачи.

Х-47М2 не е првиот случај едно оружје тестирано на пресретнувачот МиГ-31 да премине во арсеналот на други авиони. Истиот пат го поминува и ракетата „воздух-воздух“ со голем дострел Р-37М. Револуционерниот советски проект, чиј рекорд на гаѓање не е соборен речиси 30 години, е опремен со нов мотор со два режима, усовршена глава за самонаведување и е прилагоден за користење на ловците Су-35 и Су-57.
Гаѓањето со оваа ракета на самиот авион F-35 би било неефикасно. Главната предност на ракетата е во нејзиниот дострел „зад хоризонтот“, а на такво растојание стелт-технологиите сè уште фунцкионираат и радарот може погрешно да ја прочита целта. Но, затоа со помош на Р-37М можат лесно да се погодуваат големи и бавни авиони-цистерни. Без нив F-35 со малите резервоари ќе мора повторно да остане на земја.

Самото постоење на вакви ракети ќе биде доволно за да се прекинат офанзивните операции на одредено бојно поле. Ова е особено важно ако Русија се судри со САД во Азиско-Тихоокеанскиот регион, или ако Су-57 им биде продаден на Виетнам, Кина или Мјанмар.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња