Во Пентагон направија детален извештај за современата руска армија (АНАЛИЗА)

Marsonline (bog-rata.com)
Според извештаите на американскиот аналитички Центар на воената морнарица (Centerfor Naval Analyses, CNA) руската армија настојува да оствари доминација во информацискиот спектар, да ја совлада технологијата каде во борбените дејствија се користат „роеви дронови“, како и автономни земски роботизирани борбени системи. Особено внимание е насочено на воведувањето на сегментот на вештачка интелигенција. Накусо, денешната руска армија не личи на онаа од порано, признаваат во САД.

Нов пристап

Авторите на извештајот наведуваат дека капиталните реформи во вооружените сили на Русија започнати во 2009 година ја зголемија нивната вкупна борбена способност, пренесува порталот Борбени Ефективи. Според Си-Ен-Еј, Москва има стекнато големо современо борбено искуство во Сирија и врз база на него има формирано своја визија за тоа како треба да изгледа военото поле од иднината, кое во голема мера и не се разликува од „западниот“ модел. Американците истакнуваат дека појавувањето на ново вооружување и на перспективни воени технологии ѝ овозможува на Русија во голема мера да го намали технолошкото заостанување зад Соединетите Американски Држави и нивните сојузници.

„Станува збор за сосема поинаква армија од онаа од периодот пред 2009 година“, вели воениот експерт на Си-Ен-Еј Сем Бендет. „Забележливо е дека Русите значително ја подобрија својата воена машинерија и активно се обидуваат да напредуваат во областите во кои мислевме дека ние имаме предност. Руските вооружени сили од година в година го креваат својот технолошки капацитет, ја зголемуваат способноста за сложена интеракција помеѓу различни видови и родови во самата армија, нејзината флексибилност за време на употребата станува сè поголема. А, Русите не се плашат да експериментираат и да испробуваат нови пристапи“.

Уран-9, Сирија

Во Си-Ен-Еј забележуваат промена и во доктрината на пристапот на руската армија кога станува збор за изведување борбени дејствија. Доколку Русија претходно се потпираше на примена на сурова сила во вооружените судири, „обидувајќи се да го сотрат непријателот со голем број тенкови и артилериско оружје“, сега сè повеќе се потпира на „доминација на информации на бојното поле“. Руската армија сака во непосредната зона на изведувањето на воените операции да „гледа подалеку“ и да „слуша подобро“ во однос на својот непријател.

За практично изведување на новата доктрина во изведувањето на борбените дејствија, Москва сè повеќе се потпира на примена на систем со елементи на вештачка интелигенција. Конкретно неа сè повеќе ја има во сферата на командувањето и на контролата на изведување на борбените дејствија, во комплексите за рано предупредување за ракетен напад, во логистиката и во центрите за обука на војниците.

Организација на командувањето со единиците

Вештачката интелигенција се применува за анализа и за изработка на современата геополитичка карта на светот, која се ажурира врз основа на обработката на огромен број податоци од моменталните и од претходно завршените воени судири. На оперативен план, информациската компонента на руската армија се обидува со помош на вештачката интелигенција да се поврзе во единствен систем за сите видови и родови со цел полесно координирање и управување со голем број расположливи единици, но и за максимално носење вистински одлуки во критични моменти.

На пример, во блиска иднина групата специјални сили (на пример ССО) која е префрлена зад непријателската линија, ќе може брзо да прима информации преку беспилотни летала или сателити врз основа на кои самостојно ќе го одбере типот на ударното средство со кое ќе биде уништена конкретна цел, како и да изврши корекција на огнот. Пентагон признава дека во ваква концепција на руската армија постојат многу сличности со новиот американски пристап на заедничко командување и следење во сите домени (Joint All-Domain Command and Control – JADC2).

Идлиб, Руски специјални единици

„Русија се обидува да дознае на кои начини размислуваат Пентагон и НАТО“, вели Сем Бендет. „Сето внимание на нејзините воени и политички структури е насочено кон Запад, вклучувајќи ги и напорите на руските научници кои работат на вештачка интелигенција кои се насочени на земјите кои се наоѓаат во составот на Северноатлантската алијанса. Колку што ќе бидеме посилно, толку тие сè поактивно ќе ги развиваат контрамерките“.

Во Си-Ен-Еј веруваат дека Москва ја гледа главната опасност во военото воздухопловство на САД. Во случај на заострување на односите со Западот, американската авијација е во состојба за мошне кус временски период сета своја огнена моќ да ја проектира на непријателската територија. Според луѓето од Пентагон токму поради овие факти руското Министерство за одбрана забрзано ја воведува вештачката интелигенција во системите за ПВО, што ќе овозможи далеку побрз одговор на она што се случува на небото кога станува збор за откривање на целите, на нивното зафаќање, како и управувањето и наведувањето голем број ракети за ПВО од различен тип и дострел.

Роботизација на армијата

Извештајот исто така тврди дека во вооружените судири од иднината Русија има намера масовно да користи беспилотни летала и борбени авиони без екипаж, каде со текот на времето сите војници во целост ќе бидат заменети со борбени роботи. Американските аналитичари веруваат дека Москва ја користеше Сирија како полигон за тестирање на ваквите системи и напоменуваат: до 2018 година руските беспилотни летала во текот на операциите во оваа земја изведоа 23 илјади полетувања, каде на небото собраа најмалку 140 илјади работни часови. Навистина, Кремљ и понатаму не располага со ефективен број расположливи офанзивни беспилотни летала, но искуството од користењето дронови за извидување и за корекција на артилерискиот оган е повеќе од доволно.

Американците освен тоа тврдат дека Русија ја истражува можност за масовна употреба на беспилотни летала во различни борбени мисии, особено за напади на поморски цели (површински бродови). Аналитичарите на Си-Ен-Еј истакнуваат дека Русите имаат постигнато значаен напредок во создавањето подводни беспилотни платформи кои се способни за напад на американските бродови, но и на подморниците, и го повикуваат Пентагон ова да го сфати мошне сериозно.

Според авторите на извештајот, Русија се обидува да ја користи вештачката интелигенција со цел да се одбрани од офанзивната концепција на „беспилотни роеви“, која би можел да ја развие потенцијалниот непријател. Откако милитантите од терористичките борбени групи кои дејствуваат на територијата на Сирија со помош на беспилотни летала извршија неколку напади врз воздухопловната воена база Хмејмим, Русите ги употребија системите за вештачка интелигенција за целосно скенирање и анализа на теренот околу своите главни објекти, со цел да се предвиди насоката на идниот напад и на најефикасен начин да го предупредат.

Сета американска загриженост дополнително ја зајакнува неодамнешната најава на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, во која се наведува дека рускиот военоиндустриски комплекс ќе започне сериско производство на борбени роботи кои ќе бидат зајакнати со системи за вештачка интелигенција. Според него, се појавиле не само прототипски модели, ами и роботи кои можат да ги инспирираат и авторите на научно-фантастичните филмови. Михаил Осико, кој ја извршува функцијата член на военоиндустриската комисија при владата на Руската Федерација истакна дека Министерството за одбрана до почетокот на оваа зима ќе формира специјално одделение задолжено за вештачка интелигенција.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња