Конструктор: Новиот руски ударен хеликоптер Ми-28НМ може да се спореди со јуришен бомбардер?

Новиот ударен хеликоптер Ми-28НМ според степенот на својата огнена моќ и разновидноста на убојниот арсенал што може да се употребува во руските стручни кругови се споредува со јуришен бомбардер. Во моментов ниту еден борбен хеликоптер во светот не може да се спореди со модернизираниот „Ноќен ловец“ кога станува збор за обемот на извршени борбени задачи што можат да се појават на современото боиште.

Како што за веб-порталот ТАСС изјави генералниот конструктор на програмата „Борбени хеликоптери“ од Националниот центар за конструирање летала за вертикален транспорт (НЦВ) „М. Л. Мил и Н. И. Камов“ (се наоѓаат во рамките на холдингот „Хеликоптери на Русија, поточно државната корпорација „Ростех“) Виталиј Шербин, основата на карактеристиките на ударниот хеликоптер Ми-28НМ која го разликува од другите летала од иста класа е неговата мултифункционалност и поголемиот избор кога е во прашање примена на различен спектар на убојни средства.

„Ударните хеликоптери Ми-28НМ, за разлика од западните и источните конкуренти, се во состојба ефикасно да ги реализираат сите свои задачи без оглед на времето од денот и временските услови, употребувајќи ја притоа комплетната гама на наведувано и ненаведувано воздухопловно вооружување врз широк спектар на потенцијални цели“, рече Шербин, пренесува веб-порталот РГ.

Тука не станува збор само за борба против стандардните цели што во својот опис ги има ударниот хеликоптер, како што се основни борбени тенкови и други оклопни средства, заштитена и незаштитена непријателска жива сила, итн. Списокот на цели е проширен и на командни пунктови, комуникациски и командни јазли, магацини со оружје, противвоздухопловни системи, но и тешко утврдени непријателски упоришта кои не можат да бидат уништени со други средства.

„Ваквата мултифункционалност кога е во прашање широчината при изборот на борбени задачи и генералната номенклатура на потенцијалните цели не се разликува од огнените можности на јуришните бомбардери (како што е Су-25 – заб. на прев.). Ниту еден борбен хеликоптер во светот не може да се спореди со Ми-28НМ според обемот на решените борбени задачи и разновидноста на гаѓаните цели“, категоричен е рускиот конструктор.

Во однос на основната верзија на „Ноќниот ловец“, кај новото летало е двојно зголемена зоната на откривање цели и подобрени се неговите маневарски способности, интегриран е посилен мотор и додадено е високопрецизно вооружување со зголемен дострел и пробојност. Еден од новитетите е верзијата на ракетата од класата „воздух-земја“  „Хризантема“ која со висок степен на прецизност може да далечини поголеми од 6000 метри да уништи точкеста цел. Нејзината боева глава може да пробие речиси 1,2 метри хомоген оклоп. Исто така, тука е и ракетата „Хермес-А“ со ефективен дострел од 25 км. Ракетата може да се користи во сите услови, без оглед на времето и метеоролошката ситуација. Нејзината основна намена е хируршки прецизно да уништи широк спектар копнени цели кои се наоѓаат на големи далечини. Поради својата силна боева глава ракетата може ефикасно да се употреби против армирано-бетонски објекти кои непријателот ги користи за прикривање, како и неговата оклопна борбена техника. Се претпоставува дека ракетата ќе има суперсонична крстосувачка брзина и дека ќе има пробојност од рангот на ракетите „Атака“ или „Хризантема“. Руската армија планира до крајот на 2027 година да набави 98 модернизирани јуришни хеликоптери Ми-28НМ.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња